Ревизијата на успешност, која го опфаќа периодот од 2020 до 2024 година, покажува дека општините акумулирале ненаплатени побарувања во вредност од 2,93 милијарди денари по основ на даноци, такси и надоместоци, додека побарувања во износ од 233,9 милиони денари биле отпишани. Најголемиот дел од ненаплатените средства, односно 1,73 милијарди денари, се од данок на имот, при што 67 проценти од овие долгови се постари од пет години, што, според ревизорите, укажува на слаб фискален напор.
Во извештајот се посочува дека законската рамка има бројни недостатоци. Регистарот на недвижности не се ажурира по службена должност, не се прецизирани роковите за плаќање на даночните решенија, нивната достава не е соодветно регулирана, а ограничени се и можностите за ревизија на пазарната вредност на имотот. Дополнителен проблем е застарената методологија за проценка на вредноста на објектите, која не ги следи новите видови градби и реалните пазарни цени. Само 15 општини досега извршиле ревизија на пазарната вредност на имотот.
Ревизорите констатираат слабости и во наплатата на комуналните такси, кои во голем број случаи се наплатуваат без издадени решенија и без регистар на обврзници. Од осумте законски предвидени комунални такси, во повеќе од половина од општините се администрираат само три.
Како дополнителни пречки се наведуваат недоволните кадровски капацитети, неповрзаните софтверски системи, нецелосните регистри и недостигот на проценители, што ја отежнува ефикасната наплата и следењето на локалните приходи. Во делот на надоместокот за уредување на градежното земјиште, 14 општини имаат ненаплатени побарувања од 826,4 милиони денари.
Ревизијата покажува и дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет од урбаните. Дополнително, недостасува и инспекциски надзор – во државата има само еден инспектор од Управата за јавни приходи задолжен за оваа област и 16 општински даночни инспектори, кои немаат овластување да изрекуваат глоби.
Поради утврдените слабости, Државниот завод за ревизија препорачува законски измени, подобрување на регистрите, модернизација на методологијата за проценка на имотот, зајакнување на административните капацитети и подобра координација меѓу институциите, со цел да се зголеми наплатата на локалните приходи и да се обезбеди поголема финансиска стабилност на општините.





