Не беше ниту праведен, ниту мирен, ниту ослободен од лицемерството на големите сили, но барем сè уште постоеше чувството дека човештвото, со сите свои противречности, сепак се движи напред. Европа зборуваше за развој, зелена транзиција, образование и подобар животен стандард.
Украина беше поголема земја, со милиони жители повеќе, со неоспорен пристап до Црното Море и со реална можност еден ден да изгради нормална иднина меѓу Истокот и Западот. Енергијата беше достапна, индустријата функционираше, а европските граѓани не стануваа секое утро со нова закана од поширока војна, мобилизација или нуклеарна ескалација.
Мојата сметка за струја и гас во Лондон тогаш изнесуваше околу 150 фунти месечно. Денес е околу 350. Во големата геополитичка пресметка тоа можеби изгледа како ситен и неважен личен податок, но токму од таквите „ситни“ бројки се состои животот. Низ нив се гледа цената што ја плаќаат милиони семејства за одлуки донесени далеку од нивните домови, од луѓе чии сметки, хипотеки и животен стандард никогаш нема да зависат од последиците на сопствената политика.
Во 2022 година ни беше кажано дека санкциите брзо ќе ја скршат Русија, дека рубљата ќе стане безвредна, дека руската економија ќе пропадне, а Украина, вооружена и финансирана од НАТО, ќе ја врати секоја педа од својата територија. Ни беше кажано дека Европа со ова ќе стане побезбедна, пообединета и посилна. Три и пол години подоцна, веќе не е неопходно да се расправаме околу намерите. Доволно е да ги измериме резултатите.
Според ММФ, рускиот јавен долг во 2026 година изнесува околу 19,1 процент од БДП. Британскиот е околу 103,6 проценти, францускиот е над 110 проценти, додека американскиот долг е значително над 120 проценти од БДП. Развиените економии како целина веќе имаат просечен јавен долг од околу 108 проценти од БДП, а Fitch проценува дека долгот на развиениот свет до крајот на 2026 година ќе достигне рекордни 75,8 илјади милијарди долари (IMF).
Истовремено, единаесетте земји на БРИКС се очекува во 2026 година просечно да пораснат за околу 3,7 проценти, додека просекот на Г7 е приближно 1,1 процент. Според паритетот на куповната моќ, уделот на Г7 во светскиот БДП е паднат на околу 28 проценти, додека поширокиот економски простор на земјите во развој веќе произведува повеќе од 60 проценти од светскиот БДП според истиот показател. Тоа не значи дека земјите од БРИКС се без сиромаштија, внатрешни разлики или сериозни проблеми. Значи само дека светот што Западот продолжува да го опишува како сопствено природно подрачје на моќ веќе не постои во истиот облик (IMF).
Додека овој економски центар на тежина се поместува, Европа избира масовно вооружување. Воените расходи на земјите од Европската Унија се очекува во 2026 година да достигнат околу 454 милијарди евра, што е приближно 75 проценти повеќе отколку во 2021 година. Членките на НАТО во 2025 година дополнително се обврзаа до 2035 година да насочуваат вкупно пет проценти од БДП кон одбраната и пошироката безбедносна инфраструктура. Само во една генерација, Европа што ветуваше социјален напредок, образование и зелена иднина почна да се преобразува во континент што пресметува ракети, муниција и расположливи бригади (Consilium).
Сето тоа се оправдува со едно постојано предупредување: Русија се заканува да ја нападне Европа.
Но ако Русија навистина има намера да тргне против Европа, зошто тоа не го направи сега?
Во моментот кога европските армии се најнеподготвени, магацините најпразни, економиите сè уште потресени од пандемијата, а политичката волја за војување речиси непостоечка?
Од чисто стратешки аспект, зар не би било пологично да се удри врз слаба и разоружена Европа, наместо да се чека таа да потроши стотици милијарди, да ја обнови воената индустрија и повторно да воведе задолжителна регрутација? Хм хм.
Или можеби и ова е една од многуте приказни што од 2022 година наваму мораме да ги прифатиме без да прашаме кому му користат и какви политики оправдуваат?
Ова не е одбрана на руската инвазија, ниту обид да се избрише одговорноста на Москва. Тоа е одбивање да се прифати дека секоја критика на западната стратегија автоматски претставува поддршка за Русија. Ако една политика ја довела Европа до поскапа енергија, поголеми долгови, ослабена индустрија, огромно вооружување и непосредна опасност од судир со нуклеарна сила, тогаш граѓаните имаат не само право, туку и обврска да прашаат дали таа политика навистина ја зголемила нивната безбедност.
Најголемата и најстрашната сметка, сепак, не ја плаќа Европа. Ја плаќа Украина.
Пред 2014 година Украина го контролираше Крим и целиот Донбас. Пред февруари 2022 година, и покрај веќе изгубениот Крим и војната на истокот, сè уште беше земја со огромна територија, значајно население, несметани црноморски пристаништа и можност трагедијата да не се прошири. Денес милиони Украинци се надвор од земјата, милион мртви, стотици илјади семејства се растурени, а огромни делови од територијата се уништени или окупирани.
Во февруари 2026 година беа евидентирани околу 5,9 милиони украински бегалци во странство и уште 3,7 милиони внатрешно раселени лица (UNHCR).
Сега се зборува и за Одеса како за можната последна точка преку која Украина останува landlocked – црноморска држава.
Доколку ја изгуби Одеса и преостанатиот пристап до морето, Украина би станала земја без сопствено големо пристаниште, зависна од копнените коридори и од политичката волја на соседите за значителен дел од својата трговија. Тоа би било економска, геополитичка и историска катастрофа, а не уште една привремена промена на фронтот.
Затоа мора да се изговори она што официјалниот наратив толку долго го заобиколува: Украина имаше многу повеќе oд Украина пред 2022 година, а уште повеќе пред 2014 година. По секоја нова фаза на „поддршка до победа“, таа има помалку територија, помалку население, помалку инфраструктура и помалку млади луѓе што еден ден би можеле да ја обноват.
Поранешниот аналитичар на ЦИА Лери Џонсон наведува дека во една неодамнешна размена на тела Русија добила 19 загинати руски војници, а на Украина ѝ предала 1.000 тела. Од таа конкретна размена не може да се изведе вкупниот сооднос на загубите во војната, ниту пак неговите пошироки проценки можат да се прифатат како независно потврдени факти. Но самата слика – 19Ч наспроти 1.000 – е доволно морничава за да го отвори прашањето што Западот не сака да го слушне: колку Украинци уште треба да загинат пред испраќањето ново оружје да престане да се нарекува помош?
НАТО продолжува да испраќа муниција, системи за противвоздушна одбрана, разузнавачка и финансиска поддршка. Се разгледуваат нови воени опции, се зборува за мировни сили, безбедносни гаранции и различни облици на воздушна заштита. Но секоја „заштита“ што подразбира директно соборување руски авиони би значела отворен судир меѓу НАТО и Русија. Тоа веќе не би била прокси-војна, туку војна меѓу нуклеарни сили, со последици што никој од политичарите што лесно ги изговараат тие зборови не може да ги контролира.
Секој напад длабоко во руска територија предизвикува посилен руски одговор врз украинската воена, енергетска и транспортна инфраструктура. Секое ново оружје ја подигнува скалата на ескалацијата, но не ја менува основната нерамнотежа во човечките и индустриските ресурси. И наместо да се признае дека продолжувањето на истиот пристап носи сè полоши резултати, од Украина повторно се бара да издржи уште малку, да мобилизира уште луѓе и да почека уште еден пакет помош, уште една офанзива, уште една зима.
Каде се во официјалните медиуми Украинците што бараат прекин на војната, што се спротивставуваат на присилната мобилизација или што го обвинуваат претседателот Зеленски дека земјата се води кон демографска пропаст?
Нивното исчезнување од западниот медиумски простор открива нешто уште повезнемирувачко – цензура на реалната слика на жртвите на украинскиот народ!
И додека вниманието со години е заковано за Украина, Блискиот Исток повторно се претвори во огромна човечка и економска бездна.
Газа крвави пред очите на светот. Гледаме разрушени населби, глад, осакатени деца и семејства избришани за неколку секунди, а западната цивилизација, која со децении тврдеше дека човековите права се нејзина универзална вредност, сè почесто ги приспособува тие права според тоа кој е жртвата и кој е сојузникот.
Ормускиот Теснец, низ кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас, до неодамна беше отворена артерија на светската економија.
Денес неговата безбедност зависи од секоја ракета, секој напад и секоја нова одлука во американско-иранскиот и израелско-иранскиот судир. Обновените непријателства веќе ги туркаат нагоре цените на нафтата и британските хипотекарни стапки; просечните двегодишни и петгодишни фиксни хипотеки во јули 2026 година се искачија над 5,5 проценти, додека геополитичката нестабилност повторно ги подигна трошоците за финансирање на банките. (The Guardian)
Денес можеби звучи претерано кога економист во Британика предупредува дека, при нов енергетски шок и продолжена инфлација, хипотекарните камати би можеле да се приближат и до десет проценти. Но само пред неколку години милиони британски домаќинства земаа кредити со камати од еден до два процента; до крајот на 2028 година повеќе од пет милиони домаќинства се очекува да се соочат со зголемени отплати при рефинансирањето или одземање на имот.
Дури и без најцрното сценарио, преминот од два на пет или шест проценти веќе значи стотици, а кај поголеми заеми и илјадници фунти повеќе секој месец. (MoneyWeek)
Тоа се парите што нема да бидат потрошени во продавниците, малите бизниси, рестораните, образованието или семејните одмори.
Тоа се луѓе што ќе ги продаваат домовите, млади семејства што нема да можат да купат имот, сопственици што ќе ги зголемуваат кириите и компании што ќе ги одложуваат инвестициите.
Повисоката цена на енергијата ќе се вгради во транспортот, храната, производството и секоја услуга, а поголемите воени буџети и каматите на јавниот долг ќе остават помалку средства за здравство, училишта, локални власти и социјална заштита. Самиот ММФ предупредува дека силното воено зголемување на расходите може во рок од три години да го крене јавниот долг за околу седум процентни поени, а во вистински воени економии и за околу четиринаесет, паралелно со пад на социјалните расходи. (IMF)
Тоа е можната Европа на следните години: поскапо задолжување, поголеми даноци, послаби јавни услуги, уште поголем долг, воена индустрија што ќе расте побрзо од цивилната, економија што губи конкурентност и општества што стануваат посиромашни, поисплашени и полесни за управување преку постојана закана.
Но материјалните загуби се само еден дел од билансот. Од 2022 година наваму од нас не се очекува само да прифатиме една надворешна политика, туку да прифатиме и однапред пропишани чувства.
Русите колективно беа претворени во народ што се очекува да се мрази. Потоа, со проширувањето на војната на Блискиот Исток, во европските општества повторно се засилија и финансира исламофобијата. Муслиманите се третираат како граѓанин од втора класа и закана за општеството, Евреите низ светот се непожелни и омразени во 97 % анкетирани во светот, поистоветени со постапките на израелската влада.
Обичните луѓе повторно се казнуваат за политиките на држави, армии и лидери врз кои самите немаат никакво влијание.
Тоа е еден од најопасните знаци на времето. Кога војната ќе се претвори во дозвола да се мразат цели народи, веќе не се брани ниту демократијата, ниту човековото достоинство. Се создаваат општества во кои сочувството се дели според националност, вера и политичка подобност, а правото да се изрази гадење од злосторството зависи од тоа кој го извршил.
Во 2022 година светот не беше добар. Но имавме помалку војни, поевтина енергија, пониски камати, помала опасност од директен судир меѓу нуклеарни сили и Украина со повеќе луѓе, повеќе територија и поголема надеж. Денес имаме стотици милијарди повеќе за оружје, рекордни долгови, милиони раселени, градови претворени во урнатини, Газа што исчезнува пред нашите очи, загрозени светски трговски патишта и сè потесен простор јавно да се изговори дека нешто во целиот овој правец е длабоко погрешно.
На што личи светот денес?
И каде бевме ние додека сето ова се случуваше?
Бевме тука. Гледавме, плаќавме, се навикнувавме и постепено го прифаќавме секое ново ниво на ужас како нешто неизбежно.
Прифативме дека мирот е наивност, дипломатијата слабост, а бесконечното вооружување единствениот доказ за морална исправност. Прифативме дека Украина мора да продолжи да умира за да не признаеме дека стратегијата не успеала, дека палестинските деца можат да бидат статистика, дека цели народи можат да бидат предмет на омраза и дека нашите слободи може да се стеснуваат сè додека тоа се прави во име на безбедноста.
Деновиве пред години можеби не знаевме колку многу имаме. Денес, откако изгубивме толку многу, нè убедуваат дека сме победници. А доколку ова е победа – посиромашна и позадолжена Европа, уништена и обезлуѓена Украина, Блиски Исток во пламен и на раб на катастрофа од невидени размери, Газа во урнатини и човештво без морален компас – тогаш навистина останува само да се замисли како би изгледал поразот.
Можеби тоа е и најстрашниот дел од целиот биланс: не дека го допревме дното, туку дека сме присилени дното да го наречеме успех.
Страшно!
Анита Гибсон












