Од АХВ информираат дека кај контролираните оператори не се утврдени прекршувања поврзани со користењето на водата. За подготовка и послужување храна, миење садови, работни површини и опрема, биле користени пакувана и безбедна вода. Во угостителските објекти за гостите биле обезбедени пластични и хартиени чаши и прибор.
Сепак, инспекторите утврдиле низа други неправилности. Кај пет оператори не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а кај 18 оператори биле констатирани пропусти во задолжителните здравствени прегледи на вработените.
Дополнително, 11 правни лица работеле без да бидат регистрирани како оператори со храна во АХВ. За нив, покрај изречените парични казни, била донесена и времена забрана за вршење дејност до исполнување на условите за регистрација.
Инспекторите откриле и два оператори кои пуштале во промет небезбедна храна. Запленети и уништени се 18 килограми производи, меѓу кои виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами и путер.
„Во однос на утврдените недоследности,неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација (пет оператори), неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените кај 18 оператори, затекнати се и 11 правни лица кои не се регистрирани како оператори со храна во АХВ, за што покрај парична казна изречена им е и времена забрана за вршење на дејноста до регистрирање. Двајца оператори утврдено е дека пуштале во промет небезбедна храна во количина од 18 килограми ( виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами, путер) кои се нештетно уништени. За констатираните недоследности покрај наложеното спроведување на задолжителни здравствени прегледи за вработените лица кај операторите со храна, забрани за вршење на дејност (12), опомена и наредби за отстранување на недоследностите со контролите, изречени се и 30 парични казни во вкупна висина од 7.750 евра во денарска противвредност“, информираа од АХВ.
Од АХВ апелираат до операторите со храна и граѓаните да продолжат да ја почитуваат забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем, сè до нејзино целосно надминување.
Граѓаните и операторите можат да пријават непочитување на мерките лично во АХВ и нејзините подрачни единици, преку електронската адреса [email protected], како и на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22.





