На дневен ред на седницата се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, по скратена постапка и Предлог-законите за обезбедување на квалитет во високото образование и науката, за научноистражувачката дејност и за високото образование трите во прво читање.
Пратеничката Даниела Христова, која е и еден од предлагачите на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, ја образложи потребата од негово донесување по скрстена постапка, појаснувајќи дека со предложените измени се дополнува условот за сместување и исхрана на студентите во државните студентски домови.
„Се дефинира старосната граница за прием во студентски дом и се доуредува постапката за изрекување воспитни мерки за оние студенти коишто нема да се придржуваат до куќниот ред на домот“, информира Христова.
Измените, посочи, се со цел за поголема сигурност и безбедност на студентите во студентските домови, како и порамноправен третман за сите студенти при приемот и при изрекувањето на дисциплинските постапки. Предлог-законот, нагласи, не предизвикува финансиски последици врз Буџетот.
Не беше прифатен предлогот на пратеникот Сашко Јанчев на дневен ред да се стави Предлог-закон за изменување на Законот за вино.





