Според извор запознаен со прашањето, агентот е осомничен дека е извор на вест во која се детализирани патувањата на Венс. Друг извор потврди дека службените лица го идентификувале лицето за кое веруваат дека стои зад протекувањето, објави Си-ен-ен.
Суспендираниот вработен е осомничен дека е извор на неодамнешна статија на Ем-ес нау. Во статијата се наведува дека обезбедувањето на Венс е незадоволно поради оптоварувањата што ги создава распоредот на приватни патувања на потпретседателот.
Ем-ес нау исто така ги објави планираните патувања на Венс како дел од извештајот, вклучувајќи лет со неговиот син во хеликоптер на маринскиот корпус до голф-терен. Тие планови подоцна биле откажани. Истрагата, наводно, ја спроведува Одделот за внатрешни работи на Тајната служба и сè уште не е познато дали ќе биде покрената дисциплинска или кривична постапка против агентот.
Објавувањето на оперативните детали во медиумите предизвика остра реакција во Тајната служба, ФБИ и Белата куќа, потврди еден од изворите. Суспензијата на агентот доаѓа во време кога администрацијата на Трамп најави строги мерки против неовластено откривање информации во медиумите.
Како дел од слична истрага, федералната голема порота на почетокот на јули повика на суд четири новинари на Њујорк тајмс. Истрагата се однесува на нивните написи за безбедносните спецификации на новиот претседателски авион, кој Доналд Трамп го доби како подарок од Катар.





