четврток, 23 јули 2026

Гори уште еден „руски Амазон“ (ВИДЕО)

Украинската војска синоќа изврши напади со беспилотни летала врз неколку руски региони. Според извештаите на локалното население пренесени на руски Телеграм-канали, погодени биле цели во повеќе градови, меѓу кои и рафинерија за нафта и логистички центри, пишува Киев индипендент.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

По пријавите за напад со дрон, избил голем пожар во рафинеријата „НС-Оил“ во местото Новоспаскоје, во руската Улјановска област. Станува збор за релативно мала постројка, лоцирана на околу 650 километри од руско-украинската граница, која првенствено произведува нафтени деривати и има годишен капацитет за преработка од 600.000 тони сурова нафта. Засега не е познат точниот обем на штетата.

Киев ги смета нафтените постројки за легитимни воени цели бидејќи тие обезбедуваат гориво и средства за финансирање на руските воени операции. Украинските напади врз нафтената инфраструктура го зголемија притисокот врз Кремљ и ја влошија домашната криза во снабдувањето со гориво. Ситуацијата веќе доведе до забрани за извоз, раст на цените и ограничувања во продажбата низ Русија, а жителите од различни региони и понатаму пријавуваат повеќечасовни чекања на бензинските пумпи.

Претходно истата ноќ, според изјави на очевидци, рускиот град Воронеж бил цел на масовен напад со дронови. Се чини дека повторно цел бил логистички центар на компанијата Вајлдберис, најголемата руска онлајн-продавница.

Снимките објавени на социјалните мрежи прикажуваат силна експлозија на небото над градот, по што бил забележан и голем пожар во областа на логистичкиот центар. Киев индипендент не можел веднаш да ја потврди целта на нападот, а украинската војска сè уште не се огласила.

Складиштата на Вајлдберис во Воронеж вчера објавија дека ги прекинуваат ноќните смени. Одлуката уследила по серијата украински напади врз објекти на компанијата во текот на минатата недела.

Претходната ноќ биле запалени повеќе логистички складишта во Русија. Според наводите на локалните власти, две складишта на Вајлдберис во јужна Русија – едно во Краснодар и едно во Ставрополскиот крај – се запалиле по напади со дронови. Основачката на компанијата, Татјана Ким, ги потврди нападите и изјави дека работата на складиштата е прекината.

Во ноќта на 18 јули, Украина во голем напад со дронови ги погоди објектите на Вајлдберис во Московската и Тамбовската област. Руските власти соопштија дека во нападите загинале девет лица, а повеќе од 60 биле повредени. Аналитичарите проценуваат дека економската штета од нападите надминува 100 милијарди рубљи, што е околу 1,2 милијарди долари.

По нападот на 18 јули, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека овие логистички центри служат како поддршка за руската војска.

„Тоа се руски логистички објекти, поточно складишта што се користат за снабдување со воен материјал: навигациска опрема, компоненти за производство на дронови и други потреби за руската војска“, рече Зеленски во вечерното обраќање.

На веб-страницата на компанијата Вајлдберис се нуди различна воена опрема, вклучително и делови за беспилотни летала и панцири. Компанијата и нејзината основачка Ким, која важи за најбогатата жена во Русија, се под меѓународни санкции поради руската инвазија врз Украина. Кога Полска воведе санкции во 2022 година, наведе дека Вајлдберис е „најголемиот даночен обврзник во Руската Федерација“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ