четврток, 23 јули 2026

Трамп размислува за напади врз Мали

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува воена акција во Мали против групата ЏНИМ, поврзана со Ал Каеда, изјавиле сегашни и поранешни американски функционери запознаени со разговорите. Доколку Трамп ги одобри нападите, Мали би станала осмата земја во која тој наредил воени удари од почетокот на својот втор мандат, пишува Вашингтон пост.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу високите американски функционери нема согласност околу тоа дали треба да се започне напад. Еден од најгласните застапници на воената опција е Себастијан Горка, виш директор за борба против тероризмот во Советот за национална безбедност. Пентагон не коментираше за случајот.

ЏНИМ, односно Џамаат Нусрат ал-Ислам вал-Муслимин, во последните години зајакна во Мали и почна да ги шири нападите кон крајбрежните земји во Западна Африка. Групата се смета за највооружена милитантна организација во регионот и за една од најмоќните такви групи во светот.

Мали, земја со речиси 25 милиони жители, со години е погодена од насилство од исламистички групи, но и од репресијата на сопствената воена хунта и руските платеници што ги ангажирала. Милитантите минатата година започнаа блокада на горивото, со што се парализираше голем дел од земјата, а оваа пролет извршија координирани напади низ целата земја.

Мали, Буркина Фасо и Нигер во последните години, по воените удари, прекинаа голем дел од врските со Западот и се свртеа кон Русија за безбедносна помош. Функционер од администрацијата на Трамп, задолжен за прашања поврзани со Мали, не ги обвини само локалните власти, туку и руските партнери, тврдејќи дека Москва се покажала како неефикасен безбедносен партнер.

Можното американско воено вклучување носи и дополнителен ризик бидејќи во регионот се присутни руски сили. Тоа би можело да бара договори меѓу Вашингтон и Москва за избегнување меѓусебни инциденти, слично на механизмите што постоеја во Сирија.

Дел од експертите предупредуваат дека нови американски напади би можеле дополнително да ја искомплицираат ситуацијата. Васим Наср, експерт за Сахел, смета дека САД би биле покорисни во обидот за политичко решавање на конфликтот и во притисокот врз малиската хунта да разговара со ЏНИМ и со другите противници што власта ги потиснала.

„Изборот на воено решение уште еднаш нема да ги реши работите“, рече Наср. Тој потсети дека Французите во Сахел се обидувале десет години, а Русите пет години, но состојбата само се влошувала.

Експертката за Сахел Корин Дуфка предупредува и дека американските напади би можеле да доведат до тоа ЏНИМ да започне да ги напаѓа САД или Американците во регионот, што досега не го правел. Според нејзината оценка, таквиот потег би можел да им се врати како бумеранг на Американците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ