четврток, 23 јули 2026

Што би се случило ако Месечината исчезне?

Месечината е многу повеќе од обичен украс на ноќното небо. Ако одеднаш исчезне, тоа би имало далекусежни последици за Земјата – би влијаело врз плимата и осеката, климата и екосистемите.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Милијарди години, Месечината кружи околу Земјата. На просечно растојание од околу 384.400 километри, таа го обликува животот на нашата планета многу повеќе отколку што повеќето луѓе сфаќаат.

По повод Меѓународниот ден на Месечината, кој секоја година се одбележува на 20 јули, германската новинска агенција ДПА подготви научен осврт на прашањето: Што би се случило ако Месечината одеднаш исчезне?

Одговорот на НАСА е јасен – Земјата би станала сосема поинакво место. Некои последици би се почувствувале веднаш, како што се значително потемни ноќи и многу послаби плими и осеки.

Други промени, како што се нестабилноста на оската на Земјата или промените во брзината на нејзината ротација, би се случиле во многу долги временски периоди.

Послаба плима и непредвидливи годишни времиња

Месечината е единствениот природен сателит на Земјата. Иако на неа не е можен живот бидејќи нема атмосфера, нејзината улога во одржувањето на животот на нашата планета е исклучително важна.

Нејзината гравитација ја стабилизира оската на Земјата, која моментално е навалена приближно 23,5 степени во однос на нејзината орбита околу Сонцето. Благодарение на овој наклон, северната и јужната хемисфера имаат различни годишни времиња.

Доколку Месечината исчезне, наклонот на оската на Земјата би станал значително понестабилен. Според пресметките на Кралската опсерваторија во Гринич, тој може многу да осцилира.

Во екстремно сценарио, Земјината оска би можела да биде речиси целосно исправена, што би значело дека годишните времиња речиси и не би постоеле. Доколку, пак, се наклони повеќе во друга насока, одредени делови од планетата би можеле да се соочат со многу потопли лета, поостри зими, па дури и ледени доба.

Гравитацијата на Месечината е главен двигател на плимата и осеката.

„Сонцето исто така влијае врз плимата и осеката, но неговото влијание е приближно двојно послабо од она на Месечината“, вели Мартин Кнапмајер од Германскиот центар за воздухопловство.

Тоа значи дека без Месечината плимата и осеката би биле значително послаби. Крајбрежните екосистеми, кои зависат од редовното менување на плимата и осеката, би претрпеле големи промени. Видови како школки, морски ѕвезди, полжави и бројни ракови би можеле да останат без своите природни живеалишта.

Деновите би станувале сè подолги

Месечината влијае на Земјата и на друг начин. Во текот на милијарди години, нејзината гравитација постепено ја забавувала ротацијата на нашата планета – од само неколку часа во далечното минато до 24 часа денес.

Ако Месечината исчезне, должината на денот на почетокот не би се променила, објаснува Кнапмаер.

„Сепак, Сонцето би продолжило да ја забавува ротацијата на Земјата со текот на времето, сè додека можеби, по милијарди години, Земјата секогаш не би била свртена во ист правец кон Сонцето, исто како што Месечината денес секогаш ни ја покажува истата страна.“

Исчезнувањето на Месечината веднаш би се одразило и врз животинскиот свет. Бројни ноќни видови ја користат месечевата светлина за движење или ги приспособиле своите навики за лов и размножување според лунарниот циклус.

Без Месечината, ноќите би биле многу потемни. На некои предатори би им било потешко да најдат плен, додека на други видови би им користела дополнителната темнина. Ваквите промени би можеле значително да ги изменат постојните екосистеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ