„На 5 јули бев во посета на Кањонот Матка и неосновано бев спречена во пристапот до пештерата Врело. Откако побарав официјална фискална сметка за наплатениот влез, истата ми беше одбиена, по што од страна на лицата кои стопанисуваат со локацијата дојде до физички контакт и беа упатени закани кон мене. Како граѓанин очекувам надлежните институции итно и без одложување да преземат соодветни мерки, со цел да се обезбеди законитост, безбедност и ред на една од најзначајните природни и туристички атракции во нашата земја“, вели Бундалевска.
Таа писмените претставки за начинот на работење на туристичките работници на Матка ги поднесе до Основното јавно обвинителство – Скопје, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје, Државниот инспекторат за животна средина, Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси, Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Министерството за труд и социјална политика и до Државниот пазарен инспекторат.
Бундалевска бара надлежните органи да утврдат дали лицата кои стопанисуваат со пристапот до пештерата поседуваат соодветни концесии и дозволи; дали работењето е целосно усогласено со прописите за безбедност и заштита од пожари; дали остварените приходи соодветно се пријавуваат и оданочуваат; дали постои судир на интереси при вршењето надзор над оваа дејност; дали е извршена проверка на потеклото на имотот на лицата вклучени во ова работење.
Еве што пишува во претставката.
„На 5 јули, околу 12 часот, изнајмив кајак од еден од операторите на Матка и се упатив кон пештерата Врело со намера да ја посетам како турист. На влезот на пештерата го затекнав лицето кое се идентификува како Амет Саиди од село Глумово, кој според моите сознанија е сопственик, односно поврзано лице со компанијата ‘Алмата Примо’, под чиј бренд се јавува субјектот означен на лице место како ‘Втора компанија’. Тој наплаќа влез од по 10 евра по лице, а согласно она што го забележав на самата локација, превезува и групи од по 20 лица по чамец без соодветни појаси за спасување. Ме извести дека не смеам да се приближам до пештерата без претходно да платам кај него. Му поставив прашање дали има законско право, концесија или друго овластување да го ограничува пристапот до пештерата Врело, која претставува природно и туристичко богатство. Му реков дека ќе платам за влезот доколку ми издаде фискална сметка. Амет Саиди одби да ми издаде фискална сметка, а веднаш потоа дојде до физички контакт и упатување закани спрема мене, поради што се почувствував загрозена за мојата безбедност. Поради страв, не го пријавив настанот веднаш, туку по подолго размислување одлучив да поднесам претставка до надлежните институции“, пишува во претставката.






