петок, 24 јули 2026

Инвестиција од 31 милион денари за реконструкција на поликлиниката „Идадија“

Почна реконструкцијата на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – поликлиника „Идадија“, инвестиција вредна над 31 милион денари. Проектот „Реконструкција на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – поликлиника Идадија со мерки за зголемување на енергетската ефикасност“ се реализира преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), кој го имплементира Проектната единица при Министерството за финансии, во соработка со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Објавено на

часот

Сподели

Договорот за грант помеѓу Здравствен дом Скопје и Министерство за Финансии беше потпишан во декември 2025 година, по што беше спроведена постапка за јавна набавка и во март годинава беше потпишан договорот со избраниот изведувач во вредност од 31.028.850 денари, по што почна реализацијата на градежните работи.

Со реконструкцијата објектот ќе добие современи енергетски ефикасни решенија, подобри услови за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој на пациентите.

Поликлиниката „Идадија“, изградена во 1975 година, повеќе од четири децении функционираше со застарена инфраструктура – без соодветна термоизолација, со дотраена фасадна столарија, неефикасен систем за греење и застарено осветлување. Таквата состојба резултираше со висока потрошувачка на енергија и зголемени трошоци за функционирање и одржување на објектот.
Реконструкцијата се спроведува врз основа на претходно изработена енергетска контрола и основен проект која опфаќа поставување нова термоизолациска фасада и кровна изолација, целосна замена на фасадната столарија, модернизација на системот за централно греење, поставување енергетски ефикасно ЛЕД осветлување, како и реконструкција на електроинсталацијата.
Со реализацијата на проектот се очекува значително намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија, пониски оперативни трошоци за функционирање на установата, подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна, побезбедна и поефикасна здравствена средина за илјадниците граѓани кои секојдневно ги користат услугите на поликлиниката „Идадија“, соопшти Министерството за финансии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ