петок, 24 јули 2026

Со гаранција од над еден милион евра, поранешниот претседател на ФФМ, Сејдини ќе се брани од слобода

Со гаранција од 1.150.000 евра, поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Мухамед Сејдини ќе се брани од слобода, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. Истовремено, додаваат оттаму, заради обезбедување на присуството на осомничениот Сејдини во понатамошниот тек на постапката, Судот му определил мерка на претпазливост, одземање на патната исправа.

Објавено на

часот

Сподели

„По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, на 24 април 2026 година на осомничениот му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, поради опасност од бегство и опасност дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоци. Мерката притвор подоцна беше продолжена со решение на кривичниот совет, а поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело проневера во службата. По поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција и добиено позитивно мислење од јавниот обвинител, судијата на претходна постапка донесе решение со кое го уважи предлогот и ја прифати понудената гаранција, а со оглед дека против решението не беше изјавена жалба, истото стана правосилно, по што осомничениот е пуштен да се брани од слобода.

Според досегашните сознанија, Обвинителството се сомнева дека Сејдини како претседател на ФФМ дозволил исплата на околу 700.000 за проект финансиран со средства од Европската фудбалска федерација (УЕФА). Исплатата била извршена без соодветна банкарска гаранција и спротивно на договорените услови со што била предизвикана значителна материјална штета на Фудбалската федерација на Македонија.

Мухамед Сејдини беше претседател на ФФМ од 2018 до 2025 година, кога во март минатата година поднесе оставка од функцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ