Во предговорот „Градот што памети“, Петрески наведува дека книгата претставува обид да се открие „второто лице“ на Скопје, она што останува скриено зад неговите улици, плоштади, мостови и секојдневниот живот. Според авторот, станува збор за книжевно патување низ меморијата на градот, низ гласовите на луѓето, местата и времињата што оставиле трага во неговата колективна свест.
„‘Провиденија и привиденија’ не е историски водич ниту класична хроника, туку збир од прозни и поетски минијатури и имагинарни разговори со Скопје, град кој постојано се менува, но никогаш целосно не исчезнува“, се посочува во предговорот.
Низ страниците читателот се среќава со препознатливите симболи на главниот град – Камениот мост, Вардар, Калето, Старата чаршија, Водно и Матка, но и со бројни ликови од минатото и сегашноста: писатели, поети, хроничари, занаетчии, мајстори, патници и обични граѓани кои, според авторот, го создале „невидливото лице“ на Скопје.

Во поговорот „Скопје меѓу реалноста и сонот“ се истакнува дека насловот ја одразува двојната природа на книгата. Провиденијата се мигови на откривање на скриените слоеви на градот, додека привиденијата се симбол на спомените, исчезнатите улици, старите маала и луѓето што повеќе не се меѓу нас, но продолжуваат да живеат во колективната меморија.
Авторот го претставува Скопје како град на рушења и обновувања, кој низ вековите поминувал низ војни, пожари, поплави и земјотреси, но секогаш успевал повторно да се издигне и да го зачува својот дух.
Според издавачот, книгата нуди своевидна литературна мапа на старо и ново Скопје, во која градот не е само простор или историска сцена, туку активен книжевен лик. Делото, истовремено, претставува и сведоштво за тоа како едно поколение го доживува и памети Скопје на почетокот на 21 век.





