петок, 24 јули 2026

Пристигна првата реакција од ЕУ на новите царини на Трамп: „Не го очекувавме ова“

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас ги доведе во прашање причините поради кои Вашингтон воведе нови царини за стоката од Европската Унија, велејќи дека обвинувањата за недоволно строго спроведување на забраната за принудна работа од страна на ЕУ се неосновани.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа не можете да го кажете за Европската Унија“, изјави Калас за Ројтерс на маргините на состанокот на Здружението на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Манила.

„Ако го споредувате нашето трудово законодавство со она во Соединетите Американски Држави, мислам, ние имаме платен годишен одмор, имаме многу добри работни услови за нашите вработени, па тоа навистина не е основано“, додаде таа.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во петокот воведе нови царини од 10 и 12,5 отсто за стоки од 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија, со образложение дека недоволно ги спроведуваат забраните за принудна работа. Мерките стапија во сила по истекот на привремената глобална царина од 10 отсто.

На прашањето дали ЕУ очекувала да биде опфатена со новите американски мерки, Калас одговори: „Кој повеќе може да следи кога се воведуваат, а кога се укинуваат царините? Не, не го очекувавме ова“.

Новите царини се последниот обид за спроведување на предизборната визија на Трамп за речиси глобален царински режим, откако американскиот Врховен суд претходно годинава ги поништи неговите „реципрочни“ царини воведени врз основа на вонредни овластувања за намалување на американскиот трговски дефицит.

Калас изјави дека ЕУ ќе побара објаснување од Вашингтон, додавајќи дека блокот го почитувал трансатлантскиот трговски договор постигнат минатата година и дека новите царини ја изненадиле Унијата.

„Имавме договор со Америка и се придржувавме до тој договор, до таа страна од договорот“, рече таа. „Затоа за нас е непријатно изненадување што тој договор не се почитува“.

Зборувајќи за Русија, Калас изјави дека најновиот пакет санкции на Европската Унија е насочен кон дополнителен притисок врз Москва и ограничување на нејзината способност да ја финансира војната во Украина.

„Целта е да им се одземат средствата за финансирање на оваа војна“, рече таа. Додаде дека санкциите веќе имаат ефект врз руската економија и ѝ го отежнуваат на Москва прибирањето капитал на меѓународните пазари.

„Гледаме дека поради санкциите повеќе не можат да прибираат капитал во странство. Јасно е дека овие мерки, заедно со другите елементи, имаат ефект“, рече Калас.

Советот на Европската Унија во четвртокот го одобри 21 пакет санкции против Русија поради војната во Украина, со кој се воведени нови ограничувања за рускиот банкарски сектор и мрежите поврзани со криптовалути.

Калас нагласи дека санкциите се само еден дел од пошироката европска стратегија чија цел е Русија да биде принудена на сериозни преговори со Украина.

„Имаме повеќе елементи во тој пристап. Санкциите се само еден од нив. Размислуваме што уште можеме да направиме за да извршиме притисок врз Русија навистина да седне на преговарачката маса и да преговара со Украина“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ