Студијата покажува дека во текот на 2025 година повеќе од сто плажи имале потреба од вештачка обнова, за што биле потрошени 246 милиони евра. Гринпис ги опишува ваквите интервенции како сè поскапи и сè помалку трајни привремени решенија. Од вкупните инвестиции, 70 отсто биле насочени кон регионот Валенсија, а речиси 20 отсто кон Андалузија.
Во Гринпис сметаат дека низата од осум именувани бури минатата зима претставувала таканаречен завршен испит за постојниот модел на управување со брегот, кој, според нивната оценка, не го положил. Како доказ ги наведуваат поплавените куќи во Валенсија, урнатите шеталишта во Хихон и Сан Себастијан, одрони на карпи на Тенерифе и бројните плажи што останале без песок.
Меѓу најзагрозените локации Гринпис ја издвојува делтата на реката Ебро во Каталонија, на североистокот од Шпанија, која ја опишува како најранлива точка на Пиринејскиот Полуостров. Загрозен е и брегот на националниот парк Доњана во Андалузија, на југот од земјата, како и Ла Манга дел Мар Менор во регионот Мурсија, на југоистокот на Шпанија.
На списокот се и Ла Рестинга де л’Албуфера кај Валенсија, на источниот брег, плажата Кампосото кај градот Сан Фернандо во покраината Кадиз, како и брегот на Маспаломас на островот Гран Канарија, кој е дел од Канарските Острови.
Во извештајот исто така се наведува дека исчезнувањето на плажите директно ги загрозува работните места во туристичкиот сектор. Затоа организацијата повикува на итна обнова на крајбрежните екосистеми и запирање на изградбата во поплавните зони. Тие предлагаат и планирање на преместувањето на загрозената инфраструктура, како и управување со брегот засновано врз научни критериуми и природни решенија.





