Ракометниот клуб Струга и следната сезона ќе биде дел од македонската Суперлига, иако минатата сезона не успеа да обезбеди опстанок на теренот. Враќањето на стружани во елитното друштво доаѓа по одлуката на РК Пролет да се повлече од натпреварувањето поради финансиски проблеми.
Скопскиот клуб донел конечна одлука да не настапува во новата сезона, со што се ослободи едно место во најсилното домашно ракометно првенство. Македонската ракометна федерација, според пропозициите, ќе го пополни испразнетото место со Струга, која испадна по поразот во баражот од Младост.
Во меѓувреме, клубот од Струга направи значајни организациски промени. Формирано е ново раководство кое најави стабилизација на клубот и создавање конкурентен тим за претстојната сезона, а враќањето во елитата претставува дополнителен мотив за реализација на тие планови.
Иако формалната потврда треба да пристигне на Конференцијата на клубовите, која е закажана за понеделник, каде ќе бидат усвоени пропозициите за новата сезона, веќе нема дилеми дека Струга ќе биде дел од суперлигашката конкуренција.
Со ова, македонската ракометна елита ќе добие добро познато име, додека Пролет, клуб со долгогодишна традиција, ќе мора да ја паузира својата приказна во најсилното домашно натпреварување сè додека не ги надмине финансиските предизвици





