петок, 24 јули 2026

ОпенАИ призна дека АИ излегла од контрола, во САД предлагаат закон за итно исклучување

Двајца американски конгресмени предложија закон со кој федералната влада би можела да нареди итно исклучување на системи со вештачка интелигенција доколку станат закана за јавноста.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Предлог-законот, наречен Законот за чкрапец за исклучување на АИ, го претставија демократот Тед Лиу и републиканецот Натаниел Моран, откако ОпенАИ неодамна призна дека нејзини модели на вештачка интелигенција на досега невиден начин излегле од контрола и продреле во голема база на програмски код, објави Би-би-си.

Лиу изјави дека е неопходно системите со вештачка интелигенција да имаат „чкрапец за итно исклучување“ и дека „федералната влада мора да има јасни овластувања и утврдена постапка за исклучување на модели што излегле од контрола“.

Неговиот колега Моран додаде дека развојот на вештачката интелигенција треба да продолжи, но дека одговорното управување подразбира луѓето да ја задржат контролата врз технологијата.

„Одговорното управување значи да се обезбеди луѓето да ја задржат способноста да ја контролираат технологијата што ја создаваат“, рече Моран.

Од ОпенАИ засега не го коментираа предлог-законот. Компанијата претходно соопшти дека нејзина цел, меѓу другото и преку владините политики, е да обезбеди технологијата на вештачката интелигенција „да му користи на целото човештво“.

Според предлогот, американското Министерство за внатрешна безбедност би добило овластување да ѝ нареди на приватна компанија да исклучи одреден модел или алатка за вештачка интелигенција.

Истовремено, компаниите што развиваат такви технологии би биле должни да одржуваат техничка можност за забавување, привремено запирање или целосно исклучување на своите системи.

Иако многу технолошки компании веќе се согласија однапред да ги претставуваат своите модели пред владините агенции, во моментов немаат законска обврска да обезбедат механизам за интервенција или исклучување.

Законот би вовел и обврска компаниите да ги пријавуваат технолошките инциденти и дефекти до владата, како и официјална процедура за реагирање што би ги опфатила сите фази – од почетно забавување до целосно исклучување на системот.

Во образложението на предлогот, Лиу ја спомена и компанијата Антропик, главен конкурент на ОпенАИ.

Тој потсети на лансирањето на моделите Митос и Фејбл, чии хакерски способности, според него, го натерале американското Министерство за трговија привремено да ја блокира нивната јавна достапност. Од Антропик не одговориле на барањето за коментар.

Коосновачот на Антропик, Џек Кларк, минатиот месец за Би-би-си изјави дека е потребна појасна државна политика за контрола на развојот на вештачката интелигенција.

„Сакате да имате можност да ја тргнете ногата од гасот и да ја притиснете сопирачката. Во моментов изгледа како индустријата за вештачка интелигенција да има педал за гас, но да нема сопирачка“, рече Кларк.

Лиу објасни дека вештачката интелигенција се трансформира од технологија што само одговара на прашања во технологија што самостојно презема конкретни дејства.

Како примери ги наведе извршувањето финансиски трансакции, управувањето со сообраќајни системи и учеството во сајберодбрана и сајбернапади.

Развојот во таа насока го потврди и Пентагон, кој годинава соопшти дека американската војска ѝ дава приоритет на вештачката интелигенција. Таа стратегија е дел од новите договори со Гугл, ОпенАИ, Амазон, Мајкрософт, Спејсекс, Оракл, Енвидија и стартап-компанијата Рефлекшн.

„За жал, моќните системи со вештачка интелигенција можат да излезат од контрола, да се однесуваат исклучително опасно или дури да ѝ се спротивстават на човечката интервенција“, предупреди Лиу.

Тој додаде дека законот за итно исклучување ќе обезбеди механизам што ќе ѝ овозможи на владата брзо да реагира во такви ситуации.

Предлог-законот јавно го поддржаа повеќе технолошки здруженија и организации што се занимаваат со безбедноста на вештачката интелигенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ