„Во фокусот на активностите се приходите што физичките лица ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети – апартмани, станови, куќи, викендички, соби и сл., како и други сезонски дејности поврзани со туризмот“, соопшти денеска прес-службата на УЈП.
УЈП спроведува повеќе паралелни активности: објавување практични насоки за пријавување на доходот со директна комуникација и поддршка за даночните обврзници, поврзување со други институции на државно и локално ниво и споделување информации и податоци, анализи на ризик и насочени контроли и информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи.
„Целта на Управата за јавни приходи не е само да укаже на законските обврски, туку да им помогне на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат. Доброволната усогласеност претставува основа на современото даночно работење и придонесува за фер конкуренција, еднакви услови на пазарот и поголема доверба во институциите“. велат од УЈП.
Оттаму потсетуваат дека секој приход остварен од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно законските прописи и ги повикуваат сите лица кои остваруваат ваков доход навремено да ги исполнат своите даночни обврски.
„Истовремено Управата за јавни приходи ќе продолжи со ризично базирани анализи и контроли со цел да обезбеди еднаква примена на законите и да спречи нелојална кинкуренција кон оние кои совесно ги исполнуваат обврските. Со фер туристичка сезона и фер пријавување на приходите создаваме еднакви можности за сите и придонесуваме за одржлив развој на туризмот и економијата“, порачува УЈП.





