петок, 24 јули 2026

Истражувањето вели дека овој тип тренинг може да го подмлади телото и до осум години

Со години љубителите на фитнесот најмногу внимание посветуваа на кардио вежбите. Иако тие сè уште се одличен избор за одржување на кондицијата и здравјето на срцето, сè повеќе истражувања покажуваат дека тренингот за сила е подеднакво важен за долгорочното здравје и забавување на процесот на стареење.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Иако воведувањето тренинг со тегови бара одредено планирање, особено за почетници, новите истражувања сугерираат дека овој вид физичка активност може значително да ја намали биолошката возраст на телото.

Што покажа истражувањето?

Студија објавена во научното списание „Биологија“ го анализираше влијанието на тренингот за сила врз процесот на стареење кај речиси 5.000 мажи и жени на возраст од 20 до 69 години.

Резултатите покажале дека 90 минути тренинг за сила неделно се поврзани со намалување на биолошката старост за речиси четири години. Кај испитаниците кои тренирале 180 минути неделно, биолошката старост била помала дури за осум години.

Овие резултати се во согласност со важечките здравствени препораки. Американските насоки за физичка активност им препорачуваат на возрасните најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно, со најмалку два дена посветени на вежби за сила.

Зошто тренингот за сила го забавува стареењето?

Истражувачите наведуваат дека тренингот за сила може да ги ублажи последиците од хроничните болести, да го забави губењето на мускулната маса, да го забрза метаболизмот во мирување, да го поттикне согорувањето масти и да го подобри здравјето на кардиоваскуларниот систем.

Сето тоа придонесува за побавно стареење на клетките и за зачувување на организмот. Едноставно кажано, лицата кои редовно практикуваат тренинг за сила можат да бидат биолошки помлади од нивната вистинска возраст.

Резултатите сепак треба да се толкуваат со претпазливост

Експертот Алберт Матени предупреди дека резултатите сепак треба да се гледаат со одредена доза претпазливост.

Како што објасни, учесниците во истражувањето сами пријавувале колку често тренираат, што остава можност за субјективни проценки. Исто така, студијата не следеше прецизно дефинирана програма за тренинг за сила.

Сепак, основниот заклучок останува ист – повеќе тренинг за сила е поврзан со подолги теломери, заштитните краеви на хромозомите кои се сметаат за еден од индикаторите за биолошко стареење.

„Повеќе часови тренинг се директно поврзани со подолги теломери“, истакна Матени.

Како да започнете ако никогаш не сте тренирале?

За лицата кои досега не практикувале тренинг за сила, почетокот може да изгледа како предизвик, но експертите истакнуваат дека за првите чекори не е потребна никаква посебна опрема.

Се препорачува фокус на големите мускулни групи, особено на нозете, преку вежби како чучњеви, исчекорувања и качување по скали.

За горниот дел од телото добар избор се склековите и згибовите.

Како што кондицијата напредува, интензитетот на тренингот може постепено да се зголемува со поголем број повторувања, поголема висина на скалите или користење на еластични ленти, пренесува Дан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ