петок, 24 јули 2026

Муцунски: Дипломатски успех е што Охрид не e ставен на листата на културни наследства во опасност

Тоа што  Охридскиот Регион нема да биде ставен на Листата на светски културни и историски наследства во опасност претставува значаен дипломатски успех за Македонија, кој е производ на координирана државна акција предводена од претседателот на Владата, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната прес конференција. Тој смета дека секоја дивоградба, не само оние во Охрид, треба да бидат законски и соодветно отстранети.

Објавено на

часот

Сподели

Покажавме, вели Муцунски, дека дипломатијата не е само учество на меѓународни собири, туку способност преку партнерство да се создава доверба и да се заштитат најзначајните државни и национални интереси. ​Одлуката на УНЕСКО е потврда на нашата посветеност, но и поттик за уште поинтензивна работа во периодот што следи.

„Во првичниот предлог на одлуката беше предвидено регионот веднаш да биде впишан на листата на светско наследство во опасност. ​Со усвојувањето на амандманот, оваа формулација е отстранета. Охридскиот Регион во оваа фаза нема да биде ставен на листата на светско наследство во опасност и ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО“, рече Муцински на прес-конференцијата во Владата.

Ова, според него, претставува значаен дипломатски успех за нашата земја.

„Овој резултат е производ на координирана државна акција предводена од претседателот на Владата. ​Во целиот процес работевме во тесна координација со Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и со нашата амбасада во Париз, која имаше важна улога во комуникација со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство. ​Во изминатиот период водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме поддршка меѓу државите членки на Комитетот. ​Јасно ги претставивме нашите позиции, ги презентиравме преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион. ​Работевме посветено, координирано и со јасна цел — преку дијалог да ги приближиме ставовите, да ја зајакнеме довербата кај нашите партнери и така ја обезбедивме потребната поддршка за финалната одлука“, рече Муцунски.

Нагласи дека Охридскиот Регион претставува природно и културно богатство од исклучителна универзална вредност, чие што значење ги надминува националните граници. ​

„Охридското Езеро, со својата природна уникатност, биолошка разновидност и богато културно-историско наследство, е непроценливо светско добро. ​Како дел од светското наследство на УНЕСКО, регионот е симбол на нашата историска и културна традиција, но и на регионалната соработка, одржливиот развој и заедничката грижа за природното и културното наследство. ​Одлуката на УНЕСКО е потврда на нашата посветеност, но и поттик за уште поинтензивна работа во периодот што следи. ​Јасно ги прифаќаме сите препораки на Владата за заштита и одржлив развој на регионот. ​Со дипломатскиот ангажман обезбедивме дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и спроведување на Стратегискиот план за рехабилитација до 2030 година“, истакна министерот Муцунски. ​

Муцунски смета дека секоја дивоградба, не само оние во Охрид, треба да бидат законски и соодветно отстранети. Тој е уверен, како што истакна денеска на прес-конференција, дека ваквиот став за дивоградбите го делат и останатите членови на Владата.

„Тука има конкретни предмети што треба еден по еден да се решаваат и тоа се прашања што се надлежност споделена до некоја мера и помеѓу централната и помеѓу локалната власт. Ако мене ме прашувате како министер и како член на Владата, а верувам дека тоа е став на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба каде било, не само во Охрид, таа треба да биде отстранета. И тоа треба да биде направено на соодветен и на законски начин“, рече Муцунски, одговорајќи на новинарско прашање дали ќе се отстрануваат дивоградбите во Охрид.

Според него, одредени мерки се преземени последнава година.

„Воспоставуваме јасен план. Добиваме долг период и можност, што сметам дека е голем успех, да отстраниме дел од овие состојби. Дел се прашања поврзани со урбанистичкото планирање и тоа е еден од значајните сегменти, но Владата ќе работи ангажирано на сите забелешки. Статусот на УНЕСКО треба да оди во паралелизам со туристичкиот, економскиот и социјалниот развој на целиот тој регион. Не треба заради тоа што има статус УНЕСКО да назадува целиот регион и за тоа има разбирање, и во Париз и меѓу земјите-членки на Комитетот, а институциите и локалната самоуправа ќе продолжат со работа“, потенцира министерот.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на годишната Сесија што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан донесе одлука да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност. На државата и е даден дополнителен рок од пет години за да ги спроведе препораките поврзани со заштитата на природното и културното наследство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ