Минчев вели дека Владата и Министерството за јавна администрација спроведуваат суштинска реформа на системот, чија цел е создавање модерна, ефикасна и професионална администрација ослободена од партиски влијанија.
„Јавната администрација е крвотокот на една држава. Без соодветна, добро обучена, квалитетна и со знаење исполнета јавна администрација, немаме држава“, порача Минчев во интервју за Слободен печат.
Тој нагласи дека во изминатиот период се направени значајни реформски исчекори преку донесување на системски закони кои со години беа дел од европските извештаи. Законот за висока раководна служба, законските решенија за административните службеници и формирањето на Академијата за обука на јавната администрација, според него, се темели за нов модел на функционирање на институциите.
Министерот потенцираше дека реформата не се мери само преку донесување закони, туку преку нивна реална примена и промена на институционалната култура.
„Законот е првиот чекор, но поважно е неговото спроведување. Реформата на јавната администрација значи систем во кој секој ќе има можност да напредува преку знаење, компетенции и резултати“, истакна Минчев.
Во однос на Законот за правична застапеност, Минчев посочи дека станува збор за ново, експертски подготвено решение кое за првпат го регулира овој принцип преку посебен закон, со јасна методологија и институционален механизам за следење на примената, нагласувајќи дека целта е воспоставување баланс меѓу уставните принципи и професионалните стандарди, без простор за злоупотреби.
„Правичната застапеност и квалитетот не се спротивставени. Нашата цел е секој граѓанин да има еднаква можност, а институциите да добијат најквалитетни кадри“, рече Минчев.
Министерот посочи дека реформите во јавната администрација се дел од пошироката европска агенда на државата и дека процесот продолжува со силен фокус на професионализација, дигитализација, обуки и подобрување на услугите кон граѓаните.
Тој додаде дека вистинската вредност на реформите ќе се гледа преку довербата на граѓаните во институциите и преку создавање администрација која работи брзо, ефикасно и одговорно.
„Европските институции се градат со професионални луѓе, јасни правила и политичка волја за промени. Тоа е патот по кој чекориме“, заклучи министерот за јавна администрација Горан Минчев.





