петок, 24 јули 2026

Гори „рускиот Амазон“ во родниот град на Путин (ВИДЕО)

Логистичките центри на најголемата руска интернет-продавница Вајлдберис во Санкт Петербург, Твер и на окупираниот Крим синоќа беа цел на украинските сили. Нападите се дел од поширока операција на украинските беспилотни летала, пишува Киев индипендент.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Руски телеграм-канали известија за погодоци на неколку локации во Санкт Петербург, при што во еден од објектите избувнал голем пожар. Жителите на социјалните мрежи објавиле снимки од густ црн чад.

Погоден бил логистичкиот парк „Уткин завод“ во селото Новосаратовка, јужно од градот, каде што се наоѓа објект на Вајлдберис. Независниот руски телеграм-канал АСТРА извести и за уште еден погодок во градската населба Шушари, каде што исто така бил забележан густ чад.

Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов, го потврди нападот со дронови. На Телеграм објави дека цел биле неодредени „објекти на цивилната инфраструктура на Московската магистрала“.

Неколку часа подоцна, гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, го потврди нападот врз објект во Новосаратовка и наведе дека три лица биле повредени.

Одделот за односи со јавноста на Вајлдберис, познат и како „руски Амазон“, соопшти дека работата во центрите во Шушари и Уткин завод привремено е прекината. Поради нападите, на аеродромот „Пулково“ доцнеле околу 50 летови.

Санкт Петербург, родниот град на рускиот претседател Владимир Путин, се наоѓа на околу 1.100 километри од украинската граница. Поради силната противвоздушна одбрана, градот ретко бил цел на напади, но напредокот на украинските дронови во последните месеци овозможи пробивање на одбраната и напади врз утврдени градови како Москва и Санкт Петербург.

Ова се петти напади врз објекти на Вајлдберис во последната недела. Претходно истата ноќ на социјалните мрежи се појавија снимки од голем пожар во објект на компанијата во Симферопол, главниот логистички центар за окупираниот Крим. На снимките, наводно направени од локални жители, се гледа моментот на ударот со дрон. Од Вајлдберис потврдиле дека едно од нивните складишта во Симферопол било погодено, но не соопштиле детали за штетата.

Во текот на ноќта жителите известиле и за пожар во логистичкиот центар на Вајлдберис во Твер. Над градот се гледал густ чад, а обемот на штетата сè уште не е познат. Вчера украинските сили го погодиле објектот на Вајлдберис во Воронеж, а на 22 јули избувнале пожари во две складишта на југот на Русија – во Краснодар и во Ставрополскиот крај – исто така по напади со дронови.

Украинската војска сè уште не ги коментирала нападите, а Киев индипендент не можел независно да ги потврди овие извештаи ниту тврдењата на руските власти. Аналитичарите проценуваат дека нападите предизвикале економска штета од најмалку 100 милијарди рубљи, што е околу 1,2 милијарди долари.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по нападот врз едно складиште на 18 јули изјави дека овие логистички центри ја поддржуваат руската армија.

„Тоа се руски логистички објекти, поточно складишта што служат за снабдување со воен материјал: навигациска опрема, компоненти за производство на дронови и други потреби на руската армија“, рече Зеленски во вечерното обраќање.

На интернет-страницата на Вајлдберис се продава различна воена опрема, вклучително и делови за дронови и панцири. Компанијата и нејзината основачка Татјана Ким, која важи за најбогата жена во Русија, се под меѓународни санкции поради руската агресија врз Украина. Полска при воведувањето на санкциите во 2022 година наведе дека Вајлдберис е „најголемиот даночен обврзник во Руската Федерација“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ