петок, 24 јули 2026

Ги активираме во Комитетот на министри во СЕ прашањата за човековите права на Македонците во Бугарија , вели Муцунски

Прашањата во контекст на човековите права, а уште потесно во контекст на непочитта на човековите права на Македонците коишто живеат на територија на Бугарија, се прашања што ние ги активираме постојано и на кои сме многу ангажирани преку нашето работење во Советот на Европа, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Објавено на

часот

Сподели

Прашањето за човековите права, вели тој, е многу значајно во делот на функционирањето на оваа институција, со чиј Комитет на министри земјава ќе почне да претседава од 2028 година.

Министерот Муцунски нагласи дека како државна институција е активна во сè што е поврзано со примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

„Ние сме прилично активна земја по повеќе предмети, но меѓу другото и предметите поврзани со ОМО Илинден-Пирин и со  други невладини организации на територија на Бугарија.​ За жал, поради долгогодишна грешка од пред 15 – 20, па и  повеќе години, ние не сме странка во тие постапки, иако сме можеле да бидеме, но тоа било погрешна одлука донесена во тој период. Меѓутоа, како земја членка на таа организација, имаме право да даваме свој импут и свои гледишта и тоа активно го правиме во Комитетот на министри, каде што инсистираме на доследно спроведување и целосно имплементирање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, бидејќи тоа го сметаме како значајно цивилизациско достигнување во денешна Европа“, рече Муцински во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.  ​

Појасни дека ние го преземаме претседавањето со Советот на Европа во 2028 година и оти периодот од една ипол година ќе биде искористен за подготовки.

„Ние веќе влегуваме во процес на подготовка за тоа претседавање. Презентираме наши приоритети, разговараме и со земјите коишто биле претседавачи пред нас или ќе бидат по нас, за колку што може повеќе да имаме и координирани приоритети во рамките на тоа претседавање. Така што тоа е еден процес за којшто ние од мултилатерална гледна точка и како институција, но и како држава, постојано се подготвуваме“, рече Муцунски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ