Стоилковиќ посочува дека пред неколку дена, за време на посетата на Кочани, се сретнал со група млади луѓе чии животи засекогаш се промениле по трагедијата. Како што наведува, во нивните сведоштва ја видел огромната болка, но и стравот дека без нови оперативни зафати, кои треба да се извршат до септември, последиците од повредите би можеле трајно да им го одбележат животот.
Според него, повредените му раскажале дека контактирале со лекарите кои претходно ги лекувале во Белград, но добиле одговор дека не постои договор за соработка меѓу македонскиот и српскиот Фонд за здравствено осигурување, поради што не можеле да го продолжат лекувањето преку институциите. Воедно, високите трошоци за операциите во приватни клиники биле недостижни за нивните семејства, оставајќи ги, како што вели, без надеж дека ќе можат целосно да закрепнат.
„Во тие моменти, гледајќи ги во очи, знаев дека не смеам да дозволам нивната младост да биде скршена од бирократија. Им ветив од сето срце дека нема да се откажам“, наведува Стоилковиќ во својата објава.
Тој открива дека по интензивни разговори со претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут, министерот за здравство Златибор Лончар, како и со српскиот државен врв и претседателот Александар Вучиќ, добил потврда дека сите неопходни хируршки интервенции ќе бидат извршени во српските здравствени установи и целосно ќе бидат покриени од српската држава.
„Од денеска, институциите на двете држави се веќе во официјална комуникација за да го реализираат ова хумано дело што е можно побрзо“, истакнува Стоилковиќ.
Во објавата тој се осврнува и на емотивната средба со младите од Кочани, наведувајќи дека кај нив почувствувал недоверба, изгубена надеж и страв за иднината. Поради тоа, покрај ветувањето дека ќе се заложи за продолжување на нивното лекување, им подарил икона-заштитничка и книга со лична посвета за храброст, во која го цитира Конфучиј: „Нашиот најголем успех не е во тоа да не паднеме, туку да се исправиме секој пат откако ќе паднеме“.
На крајот од објавата, Стоилковиќ упати и јавен апел до амбасадите на пријателските земји кои помогнаа веднаш по трагедијата, повторно да се вклучат во процесот на лекување на повредените.
„Со искрена и најдлабока благодарност се присетуваме на несебичната и брза помош што ја пруживте кога беше најтешко за настраданите во Кочани. Денес упатуваме повторен апел до амбасадите на сите пријателски земји, да застанеме уште еднаш заедно и да ги мобилизираме клиниките за целосно да го завршат лекувањето на овие млади животи. Нашите деца ги изодеа најтешките чекори, но борбата сè уште трае. Со ваша соработка и поддршка, сигурни сме дека оваа хумана приказна ќе ја доведеме до крај“, порача Стоилковиќ.





