Коалицијата предводена од СДСМ не го поддржа предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, како што рече пратеникот Оливер Спасовски, не затоа што е против кандидатот, туку затоа што сметаат дека нема да се промени ништо.
Наместо некаква визија, оцени Спасовски, ова е чиста борба за фотелји. Ова, рече, е министер за „бадентер“, а не за претставеност на Турците во Собранието.
Новиот министер без ресор, Зејнула во периодот 2021 – 2024 бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, од 2018 до 2021 советник во Општина Гостивар, а од 2017 до 2021 работел во правниот сектор на Демократската партија на Турците на Македонија. Исто така, бил вработен и во компанијата „Хабиб транс“ ДОО. Во текот на својот ангажман во локалната самоуправа бил член на Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања, Комисијата за планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина, како и Комисијата за правни и нормативни работи при Советот на Општина Гостивар.
Зејнула бил и член на Комисијата на групата за процена на ризици и опасности во Скопје, како и член на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
За својата работа е добитник на државно одликување за исклучителна пожртвуваност, доделено од Република Турција.
Зејнула е дипломиран криминалист, со завршено високо образование на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Поседува сертификати за англиски јазик и компјутерски вештини, а покрај мајчиниот турски јазик, говори македонски, албански, германски и српски јазик.
Со изборот на Зулфикар Зејнула за нов министер без ресор се заокружи реконструкцијата на Владата во рамките на која на 13 јули беа избрани осум нови осум министри.





