Последниот случај се случи на 6 јули, кога куршум проби прозорец од семејна куќа и завршил во соба во која во тој момент се наоѓале татко и син. Преплашени од случувањето, тие веднаш ја повикале полицијата.
По неколку дена од настанот, на прашањата на МКД.мк до Министерството за внатрешни работи, од МВР кусо одговорија дека СВР Скопје презема мерки за утврдување на причините и потеклото на залутаното зрно.
„Во врска со случајот за кој прашувате, ве известуваме дека СВР Скопје презема мерки за утврдување на причините и за потеклото на залутаното зрно, по што соодветно ќе ја известиме јавноста“, наведоа од МВР.
На дополнителното прашање дали залутаните куршуми потекнуваат од Центарот за обука во Идризово и дали таму се почитуваат безбедносните процедури при изведување на гаѓањата, од Министерството информираат дека постапката сѐ уште е во тек и дека потеклото на проектилите не е утврдено.
Според информациите од МВР, во текот на 2026 година на подрачјето на ЕВР Аеродром и Драчево, кое се граничи и се наоѓа во непосредна близина на Центарот за обука Идризово, пријавени се два случаи на залутани куршуми.
Првиот е регистриран на 26 февруари, кога Ј.А. пријавил залутан проектил во семејна куќа на улица 22 број 4 во Долно Лисиче. Зрното било подигнато од екипа на СВР Скопје и предадено на вештачење.
Вториот случај е пријавен на 10 јули, кога Н.С. пријавил залутан проектил во семејна куќа на улица 1 број 26 во Долно Лисиче. И овој проектил е подигнат и е даден на понатамошно вештачење.
Иако местото се наоѓа во непосредна близина на Центарот за обука во Идризово, од МВР засега не потврдуваат дали куршумите потекнуваат од стрелиштето, ниту дали при изведувањето на гаѓањата биле испочитувани сите безбедносни протоколи. Велат дека истрагата е во тек и дека по завршувањето на вештачењата јавноста ќе биде навремено информирана.
Жителите на Долно Лисиче предупредуваат дека станува збор за сериозен безбедносен проблем кој не смее да се игнорира, бидејќи, како што велат, безбедноста на граѓаните мора да биде на прво место.
Тие очекуваат надлежните институции што поскоро да утврдат од каде потекнуваат залутаните куршуми и да преземат конкретни мерки за да се спречат нови инциденти.





