сабота, 11 јули 2026
Со години се алармира ама ништо не се менува

„Како да има војна“: Залутани куршуми од стрелиштето во Идризово завршуваат во домовите на жителите на Долно Лисиче

Жителите на скопско Долно Лисиче со години алармираат за проблемот со залутаните куршуми кои завршуваат во нивните домови, дворови и возила. И покрај повеќекратните пријави до надлежните институции, велат дека состојбата не се менува, а стравот кај мештаните е сè поголем.

Објавено на

часот

Сподели

Последниот случај се случил вчера, кога куршум пробил прозорец од куќа и завршил во соба во која во тој момент се наоѓале татко и син. Преплашени од случувањето, веднаш повикале полиција.

Жителот на Долно Лисиче вели дека ова не е прв ваков случај и дека до сега повеќепати пријавувал залутани проектили, кои според неговите сомневања потекнуваат од Центарот за обука во Идризово, каде секојдневно се одржуваат стрелачки вежби.

„Досега најмалку десетина пати сум пријавил за вакви случаи. Во МВР знаат за проблемот, но никој не презема ништо. Не може вака да продолжи, треба ли некој да настрада за да се реагира? Тие знаат од каде доаѓаат куршумите“, вели жителот на Долно Лисиче.

Тој додава дека Центарот за обука се наоѓа во непосредна близина на населени места и дека истрелите се слушаат во текот на целиот ден.

„На километар и половина од мојата куќа, преку Вардар, секојдневно се слушаат истрели. Чувството е како да има војна. Вежбаат со автоматско оружје, а во близина има парк каде секојдневно играат деца и престојуваат повозрасни лица. Не дај Боже некој да настрада“, додава тој.

Според него, ова не е изолиран случај. Претходно, како што раскажува, куршуми завршувале во дворови, а еден проектил погодил и автомобил на сосед во близина на куќата каде вчера повторно се случил инцидент.

По последниот случај, полицијата излегла на терен, а според жителот, постои сомневање дека куршумот потекнува од Центарот за обука во Идризово, каде се изведуваат вежби со огнено оружје.

Жителот вели дека веќе ангажирал адвокат и дека е решен институционално да го истера случајот до крај, бидејќи смета дека досегашните пријави не дале резултат.

Од МВР чекаме официјален одговор за случајот. Нашата редакција се обрати до Министерството и очекува одговор за тоа дали е утврдено потеклото на куршумот, дали се преземени мерки и што ќе биде направено за спречување на вакви случаи во иднина.

Жителите на Долно Лисиче предупредуваат дека станува збор за сериозен безбедносен проблем кој не смее да се игнорира, бидејќи, како што велат, безбедноста на граѓаните мора да биде на прво место.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ