Од Левица обвинуваат дека Владата и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаат стратегија за справување со растот на цените на становите и кириите, оценувајќи дека актуелниот пристап не ги решава проблемите на граѓаните.
Според партијата, Владата и понатаму ја застапува тезата дека пазарот сам ќе го регулира домувањето и дека со зголемена изградба на станови ќе дојде до намалување на цените. Од Левица, пак, тврдат дека досегашната практика го покажува спротивното.
„Во последната деценија Македонија доживеа вистински градежен бум. Скопје никогаш не било поплавено со толку многу нови згради, но паралелно со тоа цените на становите се удвоија, а кириите прераснаа во финансиски товар кој сè поголем број млади семејства не можат да го издржат“, наведуваат од Левица.
Од партијата сметаат дека станбениот пазар повеќе не ја исполнува својата основна функција – обезбедување дом за граѓаните, туку станал простор за шпекулации и остварување профит преку недвижности.
Левица предлага државата активно да интервенира преку изградба на јавен станбен фонд, достапни државни станови, регулација на кириите и воведување даночни механизми против шпекулативното акумулирање недвижности.
Во соопштението се наведува дека по две години власт, Владата не понудила конкретни мерки што ќе им помогнат на младите да дојдат до сопствен дом, ниту план за ограничување на растот на кириите и цените на недвижностите.
Од Левица ги отфрлаат и обвинувањата дека нивното спротивставување на одредени детални урбанистички планови придонесува за станбената криза.
„Левица никогаш не се борела против изградба на станови за граѓаните, туку против урбанистичката мафија која со години ги претвора градовите во средство за богатење на малкумина“, велат од партијата.
Според Левица, Владата ја избегнува дебатата за регулирање на пазарот на недвижности бидејќи, како што тврдат, ги штити интересите на градежниот капитал.
„За нив домот е стока, а не право; средство за профит, а не предуслов за достоинствен живот“, наведуваат од Левица, додавајќи дека ќе продолжат да се залагаат државата повторно да стане активен фактор во станбената политика и дека правото на дом не смее да зависи од висината на нечии приходи.





