Апасиев во објавата изнесува низа обвинувања за работењето на претпријатието, меѓу кои дека има лица вработени по Рамковниот договор и дека, според неговите тврдења, има вработени кои издржуваат затворска казна во Италија, а и понатаму примаат плата. Тој ги повика новинарите да ги проверат неговите обвинувања.
„Адвокати пропуштаат рокови за жалби. Никој не им го опира. А иначе, Поштата ни е дувло за овие ‘по Рамковен’. Некои од нив знаат само бројки на македонски. Букви јок! Не знам дали знаете, ама има вработени кои лежат во затвор во Италија, а тука им тече плата!? И одма ми е полесно на душава кога ќе прочитам дека поштата на Маите и Ацтеките во Латинска Америка (во Среден век) била побрза од нашава! И ова не ми е сарказам туку потврден факт. Еве на пример мене, честитката од еден министер за Нова Година ми стигна во април“, напиша Апасиев на неговиот Фејсбук профил.
Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, преку објава на социјалните мрежи реагираше на критиките од претседателот на Левица, Димитар Апасиев, наведувајќи дека прекинот во работата на Поштата бил предизвикан од последиците од силното невреме, а не од нефункционалност на институцијата.
Куртиши потврди дека Поштата три дена не работела поради технички проблеми настанати по невремето, но информира дека од денеска работењето е целосно нормализирано и сите услуги повторно се достапни.
„Кога Димитар Апасиев нема факти, прибегнува кон лаги, навреди и евтин популизам. Да, Поштата три дена не работеше поради сериозното невреме и техничките последици што ги предизвика, но денес работењето е целосно нормализирано и сите услуги се одвиваат непречено. Наместо да покаже елементарно разбирање за вонредната состојба, Апасиев избра да шири дезинформации, да навредува илјадници вработени и да собира политички поени врз грбот на институцијата“, напиша Куртиши.
ЈП „Пошта на Македонија“ , како што нагласува Куртиши, нема да биде заложник на нечии политички фрустрации и дека граѓаните заслужуваат факти, а не измислици и евтини политички претстави.





