петок, 24 јули 2026

Анализирани 100.000 песни на 3.000 видови птици: Истражување покажа дека сите се составени од осум мотиви

Тим научници од Франција ги анализирал песните на илјадници видови птици и ги открил градежните блокови на неверојатната разновидност, објави денес Би-би-си. Истражувачите анализирале повеќе од 100.000 песни од 3.000 видови птици и откриле дека сите тие се составени од осум основни видови звуци, кои ги нарекуваат мотиви.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Секоја песна, како што наведуваат, е составена од комбинации на овие мотиви, а тие вклучуваат три вида трилери, три вида свирежи, хаотични тонови и хармонии.

Песната на птиците е една од најсофистицираните форми на звучна комуникација во природата, а нејзината разновидност и сложеност отсекогаш ги фасцинирале биолозите, но големиот број различни песни го отежнува нејзиното проучување на глобално ниво.

Водечкиот истражувач и докторски кандидат на Универзитетот во Сент Етјен, Квентин Бејкл, истакна дека оваа разновидност е огромна.

„Ако одите во Азија, Африка или Амазонија, ќе чуете сосема различни мелодии“, објасни тој.

Во новата студија, објавена во списанието „Саенс“, тој и неговите колеги ја користеле Глобалната база на податоци за песни од птици, која содржи снимки прикачени од илјадници волонтери, овозможувајќи им да анализираат околу 116.000 песни од повеќе од 3.000 видови птици.

Потоа ги проучувале обрасците во песните, односно начинот на кој секоја песна се менувала и се развивала со текот на времето. Со помош на вештачка интелигенција, потоа можеле меѓусебно да споредат илјадници песни и да откријат што ги поврзува.

Клучното откритие беше дека средината во која птиците еволуирале, од тропските шуми до умерените региони, го обликувала начинот на кој тие ги „компонираат“ своите песни.

Така, птиците приспособени на тропските шуми користат поинакви акустични градивни елементи, односно мотиви, во споредба со оние од регионите со умерена клима.

Бејкл објаснил дека поедноставните мотиви, како што се рамните свирежи, често се среќаваат во тропските предели, веројатно затоа што им помагаат на птиците да се слушнат во бучната звучна средина богата со биолошка разновидност и густа вегетација.

Посложените композиции, со исклучително брзи трилери и комбинации што содржат многу информации, почесто се среќаваат во шумите од умерениот појас, каде што птиците главно комуницираат на пократки растојанија.

Како што истакнуваат истражувачите, тоа е еден вид еволутивен компромис, каде што многу сложена песна дава многу информации, но е тешко да се пренесе на долги растојанија во сложени средини.

„Мислам дека ова истражување отвори нов начин да се гледа на песните на птиците како нешто суштински поврзано со животната средина“, заклучи Бејкл.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ