Унгарските власти ја истражуваат одлуката на државната Ексимбанк да одобри заем од една милијарда евра за Македонија, објави унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој вчера соопшти дека се поднесени кривични пријави во врска со четири спорни финансиски зделки од времето на претходната влада на Виктор Орбан.
Заемот за Македонија беше договорен во 2024 година со каматна стапка од 3,25% на 15 години. Маѓар изјави дека истрагата треба да утврди дали при одобрувањето на кредитот имало елементи на злоупотреба, несовесно управување со јавни средства или други кривични дела.
Премиерот на Македонија Христијан Мицкоски овој заем го претстави како историски поволен финансиски аранжман, кој треба да обезбеди пари за инфраструктурни проект за општините и за македонското стопанство.
Случајот се отвора откако во Унгарија дојде до целосен политички пресврт. Новата влада на Петер Маѓар започна ревизија на голем број финансиски одлуки и државни зделки од периодот на 16-годишното владеење на Виктор Орбан.
Самото отворање истрага не значи дека е утврдено кривично дело, ниту дека постои сомневање за незаконско постапување од македонска страна. Предмет на унгарската истрага, според досега објавените информации, е начинот на кој заемот бил одобрен и преземениот ризик од страна на унгарските државни институции.





