петок, 24 јули 2026

Предупредување од Комисијата за заразни болести, во Гостивар можна е појава и на жолтица во Гостивар

Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар постои можност да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Објавено на

часот

Сподели

Според претседателката на Комисијата, Жаклина Шопова, во изминатите десет дена околу 3.850 жители побарале лекарска помош поради дијареа, повраќање и други стомачни тегоби. Иако бројот на нови пациенти се намалува, таа предупреди дека по цревните инфекции може да се појават и заболувања што се пренесуваат преку загадена вода.

Хепатит А најчесто се пренесува преку контаминирана храна или вода, а симптомите обично се јавуваат околу еден месец по заразувањето. Кај хепатит Е инкубацијата може да трае од две до десет недели.

Од Комисијата нагласуваат дека предупредувањето не значи оти веќе има епидемија на жолтица, туку дека постои ризик од појава на нови случаи во наредниот период. Граѓаните се повикуваат да побараат лекарска помош доколку забележат пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, силен замор, мачнина или болки во стомакот.

Во меѓувреме, кај досегашните пациенти не е утврден единствен причинител на масовните цревни инфекции. Надлежните соопштија дека се изолирани астровирус и шигела, но причинителите не се исти кај сите заболени.

Комисијата повтори дека водата од гостиварскиот водовод не смее да се користи сè додека надлежните институции официјално не соопштат дека е безбедна за употреба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ