петок, 24 јули 2026

Сточарите бараат итна вакцинација на овците против сипаници

Сточарите бараат итна вакцинација на овците за да се спречи ширењето на болеста сипаници кај малите преживари. Предупредуваат дека ситуацијата е алармантна и дека не е доволно да се врши само идентификација и утврдување на жариштата, заболените грла и зафатените стада.

Објавено на

часот

Сподели

Тие денеска, на состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), биле информирани дека в понеделник ќе се одржи средба со ветеринарните служби, за да се дефинираат клучните чекори.

На состанокот се пожалиле, како што рекоа, и дека обесштетувањето е многу ниско.

„Ситуацијата е алармантна. Бараме што поитно да се спроведе вакцинација кај овците. Државата не е подготвена да ја спречи болеста која секој ден се повеќе се шири. Има сериозни проблеми околу организацијата. Денеска слушнавме дека е многу бавна процедурата до уништување на овците што се позитивни. Надлежните не можат да најдат место каде да ги закопаат угинатите овци. Некој вика дека е надлежно Министерството за животна средина, друг дека е надлежен Инспекторатот, трет Дирекцијата. Треба да се посвети големо внимание за да не ги изгубиме сите овци. Досега се уништени 2.700 грла. За жал, некои семејства ги губат своите стада и понатаму ќе нема со што да се занимаваат. Верувам дека 90 отсто од тие чии овци се уништени, нема да му се вратат на сточарството“, изјави претседателот на Сојузот на одгледувачите на овци „Модерен овчар“, Насер Џемаили.

До денеска Созјуот имал два состанока со АХВ на кои било разговарано за болеста.

„Од АХВ ги прифатија нашите барања и ќе разговараат, како што рекоа, за да најдат решение за вакцинацијата. Ни рекоа дека в понеделник ќе има состанок со повеќе институции, со Ветеринарната комора. Ние сметаме дека повеќе штета ќе имаме од тоа што ќе ги уништат овците, отколку државата да најде решение за вакцинацијата. Нема шанси вакцинацијата да е поскапа од обесштетувањето за угинатите овци“, истакна Џемаили.

Според него, обесштетувањето е 7.000 – 8.000 денари за грло, а пазарната цена на една овца изнесува минимум 14.000 денари.

„Ние имаме и овци од раси како што е романовката, кои чинат по 30.000 денари и повеќе. Затоа, би сакал да апелирам до сите институции, посебно до Владата, што поборзо да се организира, да свика итни состаноци и да им излагаме во пресрет на сточарите за да не ги изгубиме овците. Ние немаме по 15 – 20 милиони овци како во САД, имаме 200–250 илјади грла и тие за две недели може да се уништат, сите до една, ако државата итно не преземе нешто“, рече претседателот на Сојузот.

Тој потсети дека веќе има неколку жаришта во Источна Македонија, а ветеринарите и инспекторите, како што оцени, доаѓаат на терен неподготвени, без соодветна опрема и дезинфекција.

„Уште пред една година одржувавме состаноци со надлежните. Бевме свесни дека многу брзо ќе се прошири оваа болест и во Македонија и предупредувавме, зашто сите држави околу нас беа позитивни. Од тогаш, наводно, почнавме да се подготвуваме како држава, но болеста се појави, а ние уште не сме спремни“, нагласи Џемаили.

Според Милена Величковиќ, одгледувач на овци и член на Сојузот, една од битните точки што се анализирала денеска со АХВ, била и онаа во врска со мерките за ограничување на движење во кругот од три и десет километри во жариштата.

„Инсистиравме да има анализа на тој дел и корекција во решението зашто имаме јагниња што треба да бидат предадени во кланица и да завршат за извоз, а поради мерките сме ограничени. Од друга страна, имаме ситуации каде што реално не се во можност да ги контролираат индивидуалните одгледувачи дали некој ќе прави промена во стадата – ќе зема овци од едно стадо во друго, а кланиците се тие што може да ги спроведат биосигурностните мерки за транспорт на јагнињата и сите од тој аспект да ги заштитиме, да не дојдеме до ситуација да бидат разболени, да ни ги исплаќа државата, туку да бидат извезени и да имаме прилив на девизи од тие јагниња“, рече Величковиќ.

И таа и Џемаили сметаат дека овој момент е клучен за тоа дали Македонија ќе успее да го зачува овчарството. Во овој контекст кажаа дека нема веќе млади што сакаат да се занимаваат со оваа земјоделска гранка.

„Веќе се поздравуваме со сточарството. Можеби ова звучи многу ригорозно, но тоа е реалноста. Треба повеќе внимание да обрнеме ако сакаме да ја задржиме оваа гранка. Долгорочно гледано, со години наназад, се уништува овчарството. Јагнешкото месо е единственото што Македонија го извезува, а не го увезува. Значи, единствен прилив на девизи имаме од јагнешко месо, а немаме одлив“, посочија Џемаили и Величковиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ