Ова е досега најостриот одговор на Пекинг на европските мерки, кои кинеската влада ги оцени како скандалозни. Според понови анализи, се проценува дека дури 90 проценти од санкционираната стока што сè уште пристигнува во Русија поминува токму преку Кина, пишува Политико.
На листата на компании на кои кинеските извозници повеќе нема да смеат да им испорачуваат стока со двојна намена – производи што имаат и цивилна и воена примена – се наоѓа и германскиот одбранбен гигант Рајнметал. Одлуката денеска ја објави кинеското Министерство за трговија.
Мерките се однесуваат и на чешкиот производител на камиони Татра, холандската компанија за поморско инженерство ИХЦ Мерведе, како и на неколку компании од секторот за оптика и ласери.
Извозниците ќе можат да побараат посебни дозволи, но тие ќе се издаваат само за испораки што ќе бидат оценети како „навистина неопходни“.
Потегот на Пекинг следуваше само еден ден откако Европската Унија стави 14 субјекти од Кина и Хонгконг на својата листа на санкции, со што им забрани на европските компании да соработуваат со нив.
Главно не станува збор за високотехнолошки одбранбени компании, туку за логистички фирми што им помагаат на руските увозници да набавуваат западна технологија.





