„Изданието на над 350 страници беше објавено од страна на реномираната издавачка куќа за научна литература Чжонгхуа шуџју (中华书局) и е поддржано од програмата за издаваштво на Центарот за меѓународна јазична соработка при Министерството за образование на Н.Р. Кина (教育部中外语言交流合作中心). Во книгата е понуден нов концептуален апарат за разбирање на феноменот на писмото, којшто се базира врз реинтепретација на аристотелијанската теорија на четирите причини, а како резултат изложен е и повеќепараметарски модел за класификација на писмата. Воедно е развиена и теоретска рамка, со чија помош се објаснуваат типолошките својства на разните видови писма и нивната еволуција преку постулирање на динамична спрега помеѓу т.н. ‘економичност на воспримање’ и ‘економичност на продукција’ на писмото во сооднос со морфолошките и фонолошките особини на кодираниот јазик“, наведува авторот.
Особено внимание е посветено на прашањето на структурата од формален и функционален аспект на пишаните знаци кај писмата од различен тип.
„При тестирањето на хипотезите што се содржат во монографијата обработен е обемен материјал од компаративна природа со пособен фокус на: примери кога едно писмо преминува јазични граници, како што е случај со кинеското писмо при неговата адаптација за бележење на корејскиот и јапонскиот јазик; одразувањето на морфолошките и фонолошките промени на даден јазик врз правописот, со подробен осврт во овој контекст на историјата на грчкиот и англискиот јазик; случаи кога нови писма се создавани од страна на необразувани, односно самоуки лица, како што се писмата бамум и ваи од Западна Африка, писмото на Чeроките од Северна Америка, или т.н. писмо на Каролинските острови од Пацификот,…“, информира Радев во објавата за книгата.





