При кражбата, како што посочуваат, биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.
Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.
„Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“, велат од МЖ Инфраструктура и додаваат дека според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу пет милиони евра.
Апелираат до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен, сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност.





