Бројот на лица кои првпат побарале лекарска помош поради актуелната заразна болест бележи значителен пад во последните денови, покажуваат најновите дневни показатели на Министерството за здравство за периодот од 14 до 24 јули.
Најголем број први прегледи биле регистрирани на 18 јули, кога во општите болници биле евидентирани 334, а во здравствените домови 315 прегледи, односно вкупно 649 пациенти. Веќе следниот ден бројот се намалил на 564, а потоа продолжил континуирано да опаѓа – 294 на 20 јули, 195 на 21 јули, 233 на 22 јули, 197 на 23 јули и само 80 први прегледи на 24 јули, што претставува речиси осум пати помалку во споредба со денот кога е достигнат врвот на епидемијата.
Во анализираниот период се регистрирани вкупно 3.945 први прегледи, од кои 2.174 во општите болници и 1.771 во здравствените домови.
И покрај намалувањето на бројот на нови пациенти, епидемијата и понатаму е во сила. Таа беше прогласена на 19 јули, еден ден по најголемиот дневен број регистрирани прегледи.
Според Министерството за здравство, досега се евидентирани 746 формални пријави за заразната болест, што е 141 повеќе во однос на претходниот извештај. Од нив се анкетирани 469 пациенти, односно 63 проценти од сите пријавени случаи.
Во дневниот извештај се наведува дека на 24 јули во Општата болница во Гостивар биле извршени 65 први прегледи, од кои 40 на Инфективното одделение, 19 на Педијатрија, четири во Ургентниот центар и два на Одделот за ОРЛ. Истиот ден биле регистрирани и четири нови хоспитализации – една на Инфективното одделение и три на Педијатрија. Во Здравствениот дом Гостивар биле евидентирани уште 15 први прегледи, без нови повици.
Трендот на намалување на бројот на првите прегледи упатува на постепено смирување на епидемиолошката состојба, иако здравствените власти и натаму ја следат состојбата и ги ажурираат податоците на дневна основа.





