Огнената стихија, поттикната од екстремната жештина, сушата и силниот ветер, продолжува неконтролирано да се шири кон населени места во близина на Бордо и Мадрид.
Во југозападна Франција пожарот што започна на атлантскиот брег се прошири кон Бордо, поради што беа евакуирани западните предградија на градот, затворен е аеродромот, а изложбениот центар е претворен во привремено засолниште за раселените жители. Во гаснењето учествуваат околу 1.300 пожарникари, војската и специјални авиони за гаснење пожари, меѓу кои и воен транспортен авион приспособен за исфрлање десетици тони средство за гаснење.
Во Шпанија, три големи пожари западно од Мадрид, од кои два се споија во еден огромен огнен фронт, ја принудија владата за првпат да прогласи национална вонредна состојба поради шумски пожари.
Во француските туристички места на Атлантикот дел од жителите и туристите биле евакуирани и по море, бидејќи пламените јазици ги пресекле патиштата за бегство. Во шпанската покраина Авила целосно изгорел еден камп, а стотици луѓе останале без сместување. Здравствените власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат престој на отворено и да носат маски поради густиот чад и пепелта што се шират на големи подрачја.
Според европските власти, пожарите годинава се меѓу најразорните досега, а научниците предупредуваат дека зачестените топлински бранови и долготрајната суша создаваат услови огнот да се шири со невидена брзина. И Франција и Шпанија побараа дополнителна меѓународна помош, додека илјадници пожарникари продолжуваат да се борат за да ги спасат загрозените населби.

А400М – ново тешко оружје во борбата со пожарите
Францускиот воен транспортен авион А400М, приспособен за гаснење пожари, претставува моќно ново средство во борбата со огнената стихија. При тестирањата, авионот носел и исфрлал 20 тони вода, што е околу трипати повеќе од капацитетот на широко користените противпожарни авиони „канадер“.
Разорната сила на пожарите во Франција и Шпанија, поттикната од високите температури и долгорочните последици од климатските промени, ги затекна неподготвени пожарникарите и властите. Шпанските пожарникари изјавија дека огнот се ширел толку брзо и жестоко што не можеле директно да му се спротивстават. Во Франција, дел од жителите и туристите биле принудени да бегаат со чамци, откако пламените јазици ги зафатиле туристичките места на атлантскиот брег.
„Никогаш не сме виделе вакво нешто“, изјави Хавиер Органиста, жител на Ел Тиембло, западно од Мадрид, каде што пожарот уништи позната шума со питоми костени.
„Кога видовме дека пламените јазици влегуваат во нашиот град, нè опкружуваат и практично не ни оставаат излез, сите соседи се здруживме за да се обидеме да го запреме нивното напредување.“
„Навистина е многу тажно“, додаде тој.

Климатските промени дополнително ја разгоруваат огнената стихија
Шпанија распореди околу 2.600 пожарникари, полицајци и припадници на службите за итни случаи за гаснење на двата големи пожари западно од Мадрид, со поддршка од 19 авиони и хеликоптери за исфрлање вода.
Франција, пак, ангажираше 1.300 пожарникари за гаснење на пожарот во департманот Жиронд, како и на уште еден голем пожар во регионот Ланд. Властите соопштија дека десетици пожарникари се повредени, но засега нема загинати ниту во Франција ниту во Шпанија, и покрај драматичните сцени на паника, додека жителите бегале со автомобили, а полицијата одела од врата до врата предупредувајќи ги луѓето да се евакуираат додека густи облаци чад го затемнувале небото.
Топлинските бранови, кои годинава ја зафатија Европа невообичаено рано и со рекордно високи температури, ги претворија шумите и сувата вегетација во вистинско буре барут.
Пожарите досега годинава уништиле 130.000 хектари шума во Шпанија, што е значително повеќе од просекот од 100.000 хектари годишно во изминатата деценија, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез при посетата на командниот центар западно од Мадрид.
Тој оцени дека поповолните временски услови во саботата претставуваат „прозорец на можности“ пожарникарите да ги стават пожарите под контрола. Регионалната влада на Мадрид соопшти дека интензитетот на пожарите се намалил по слабеењето на ветерот и падот на температурите.
Во гаснењето помагаат и други европски држави. Италија, Грција, Холандија, Португалија, Хрватска, Чешка и Словачка веќе испратија или најавија испраќање авиони и хеликоптери за гаснење пожари на огнените фронтови во Шпанија и Франција. 
Фото: ЕПА





