На 25 јули околу 00:10 часот полициски службеници го привеле 42-годишниот Т.Б., откако неговата 71-годишна мајка пријавила дека по расправија во семејниот дом ѝ се заканувал и ја нападнал со остри предмети, при што ѝ нанел расекотина на раката. Според пријавата, тој потоа фрлал и кршел предмети низ домот. Осомничениот е задржан во полициска станица, а за случајот е известен јавен обвинител.
Три часа подоцна, во Куманово бил приведен 22-годишниот М.С., кој, според пријавата, по кратка расправија физички го нападнал својот 50-годишен татко во семејниот дом.
Во Скопје, 44-годишна жена пријавила дека утрото на 24 јули, по претходна расправија, била физички нападната од нејзиниот 42-годишен сопруг. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Истиот ден попладне, полициски службеници го лишиле од слобода 39-годишниот К.С. од скопско, по пријава од неговата поранешна партнерка. Таа навела дека подолг период ја следел и вознемирувал, а на нејзиниот малолетен син му испраќал навредливи и невистинити пораки, со што не ја почитувал одлуката на Основниот суд Скопје.
Во меѓувреме, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против 31-годишниот Д.Ј. од Крива Паланка поради сомнение за кривично дело загрозување на сигурноста. Според полицијата, на 14 јули тој во семејниот дом упатувал закани кон своите родители.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против осомничените.





