Седницата е свикана по барање на 109 пратеници од владејачката коалиција, кои побараа на дневен ред да се стави предлогот на опозицијата за гласање недоверба на Владата, пренесува Радио Слободна Европа.
Опозицијата уште во февруари побара парламентот да расправа за недоверба на Владата.
Предлогот го поднесоа 62 пратеници од опозицијата поради случајот со укинувањето на заштитата на комплексот Генералштаб и кривичната постапка што се води против министерот за култура Никола Селаковиќ.
Седница со таа точка на дневен ред беше закажана за 15 април, но немаше кворум, откако пратениците од владејачкото мнозинство ја напуштија собраниската сала. Кворум немаше ниту следниот ден.
Обвинителството за организиран криминал ги товари Селаковиќ и уште тројца претставници на државните институции дека со фалсификување документи овозможиле комплексот Генералштаб, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, да го загуби статусот на заштитено културно добро.
Тоа, според обвинението, бил првиот чекор за на тоа место во центарот на Белград да се овозможи изградба на луксузен станбено-деловен комплекс.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот најави дека парламентарните избори ќе се одржат во октомври или ноември, а претседателските нешто подоцна.
Студентите во блокада, кои ги започнаа масовните протести по загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, уште пред една година побараа распишување предвремени парламентарни избори.





