А сè почна како кошмар… Њукасл експресно поведе со 0:2 уште во првите 23 минути со головите на Добсон и Вергос. Во тие моменти сите мислеа дека фаворитот рутински ќе ги „наполни“ Македонците, со оглед на тоа што Џетс се прволигашки гигант кој доминираше минатата сезона, додека Престон игра во понизок ранг.
Но, Лавовите никогаш не се предаваат!
На полувремето во игра влегоа Метју Божиновски и Зак Лисолајски, а со нив се промени и целата енергија на теренот. Аргентинецот Науел Бонада експлодираше со два брзи гола во 55-тата и 62-рата минута за експресни 2:2, додека стадионот полудуваше!
А за тотална лудница и епски завршеток се погрижи џокерот Даниел Лазаревски, кој во 92-рата минута ја затресе мрежата за 3:2 и победа за историја!
Преполниот стадион „Џенис Стил“ – домот на Престон – ечеше од славје. Лавовите, кои минатата година гостуваа во Македонија со пријателските мечеви против Вардар и Пелистер, сега уште еднаш покажаа за каков карактер станува збор.
Следна пречка – осминафиналето! Големиот Њукасл е веќе минато, а Лавовите го чекаат следниот ривал.





