Ентони Џошуа се врати на победничките патеки на спектакуларен начин, откако во Џеда со нокаут во втората рунда го совлада албанскиот боксер Кристијан Пренга, иако претходно двапати беше испратен на подот.
Почетокот на борбата беше вистински шок за британскиот боксер. Пренга уште во првите дваесетина секунди погоди силен аперкат со кој го собори Џошуа, а пред крајот на првата рунда повторно го прати во нокдаун. Во тие моменти изгледаше дека се подготвува една од најголемите сензации во тешката категорија и дека долгоочекуваниот дуел со Тајсон Фјури би можел да пропадне.
Но, поранешниот светски шампион покажа зошто важи за еден од најдобрите тешкаши. Џошуа агресивно ја отвори втората рунда, ја презеде контролата и со силна десница го испрати Пренга на подот. Пренга не успеа да продолжи, по што судијата ја прекина борбата и му ја додели победата на Британецот.
„Ова не беше само силата на ударот. Тоа беше духот, беа Лак, Сина и нивните семејства. Поминав низ многу тежок период и навистина ми е тешко да зборувам за тоа“, изјави Џошуа, кој за момент го прекина интервјуто бидејќи не можеше да ги сокрие емоциите.
Со овој триумф Џошуа ја задржа можноста конечно да се соочи со Тајсон Фјури во борба која боксерската јавност ја очекува со години. Иако според британските медиуми договорот меѓу двете страни е постигнат, официјалниот датум и локацијата на спектаклот сè уште не се објавени.





