сабота, 25 јули 2026

Во шаторските кампови во Газа, запалката стана прашање на опстанок

Во огромните кампови со шатори во јужниот дел на Газа, обичната запалка за цигари стана неочекуван луксузен предмет, подеднакво важен за секојдневниот опстанок како храната, водата и горивото, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За раселената мајка на четири деца Нисрин Абу Саада, палењето оган за готвење претставува секојдневна борба на територија каде што гасот и натаму е редок, а семејствата се принудени да палат картон, пластика и парчиња дрво за да подготват храна.

„Шаторот е бескорисен без запалка“, рече таа.

„Нема гас, а палиме оган 24 часа дневно, што значи дека запалката е исклучително неопходна во шатор“, вели Абу Саада за Ројтерс.

Пред војната, три запалки чинеле еден шекел (0,33 долари). Денес една единствена запалка чини 100 шекели (32,55 долари), сума што 38-годишната Абу Саада не може да си ја дозволи. Таа разговарала со новинарите седејќи покрај импровизираното место за готвење пред својот шатор во Кан Јунис.

Речиси три години по почетокот на војната во Газа, недостигот од основни производи ги претвори секојдневните предмети во скапоцености. Една запалка ја користат десетици семејства, кои ја предаваат од шатор во шатор сè додека не се расипе поради постојаната употреба.

Поправањето запалки стана бизнис

„Кога сакам да запалам оган, чекам некој друг да запали, или одам таму каде што веќе има запален оган, палам парче картон и го носам назад“, рече Абу Саада.

Недостигот создал нова можност за заработка за Хасан Абу Латифа, раселен татко на три деца, кој во еден мал киоск поправа расипани пластични запалки.

„Поправањето запалки всушност не е професија, но поради страдањата, потребата на луѓето од нив и нашата потреба да работиме, бевме принудени да се занимаваме со тоа“, вели 35-годишниот Абу Латифа, кој пред војната работел како земјоделски инженер.

Опкружен со кутии полни со оштетени запалки и резервни делови што ги собирал, Абу Латифа вели дека огромниот раст на цените ги принудил семејствата да ги поправаат запалките наместо да купуваат нови.

Војната ја уништи економијата на Газа. Агенциите на Обединетите нации наведуваат дека невработеноста во Газа надминува 80 проценти, додека сиромаштијата се приближува до 100 проценти, откако конфликтот уништи најголем дел од економската активност и инфраструктурата во енклавата.

Прекинот на огнот, постигнат во октомври со посредство на САД, ги запре големите борби, но не ги прекина израелските напади. Израел соопштува дека цел на нападите се Хамас и други милитантни групи во Газа што претставуваат непосредна закана.

„Без запалка, работата запира“, вели една пекарка

За Хамас израелските напади и ограничувањата на граничните премини се виновни за недостигот од напредок кон постигнување сеопфатен договор за завршување на конфликтот.

Количеството на хуманитарна помош и натаму е предмет на спор. Владината канцеларија за медиуми во Газа, под контрола на Хамас, тврди дека испораките што влегуваат во Газа се далеку под реалните потреби. Од друга страна, КОГАТ – израелското воено тело задолжено за хуманитарните прашања на палестинските територии – соопштува дека испораките на храна по прекинот на огнот ги надминале потребите утврдени од Светската програма за храна.

За Ифтихар ал-Кафарна, раселена мајка на шест деца, која пече леб во традиционална печка за да заработи за живот, оваа мала алатка станала клучна за нејзината егзистенција.

„Ако има запалка, има работа. Ако нема запалка, работата запира и можам да седам без работа три или четири часа“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ