„Европската Унија останува најдоследниот партнер на Босна и Херцеговина“, објави Делегацијата на ЕУ во Сараево на социјалната мрежа Икс, потврдувајќи дека институциите на Унијата ја одобриле финансиската поддршка.
Претходно оваа година, Советот на министри, а потоа и тричленото Претседателство на БиХ, го ратификуваа договорот со Европската Унија.
Средствата се наменети за поддршка на Босна и Херцеговина во усогласувањето со правилата и стандардите на ЕУ. Тие ќе бидат искористени за проекти за економски развој, реформи во јавната администрација и институциите, управување со миграцијата, одржливо земјоделство и прехранбениот сектор, како и за други области важни за процесот на приближување кон членството во Европската Унија.
ИПА III е главниот инструмент преку кој Европската Унија финансиски ги поддржува земјите кандидати и потенцијалните кандидати во спроведувањето на реформите поврзани со пристапниот процес. Целта е да се зајакнат институциите, да се подобри управувањето со јавните политики, да се зголеми конкурентноста на економијата и постепено да се усогласи законодавството и практиката со правото на Европската Унија.





