недела, 26 јули 2026

Червар: Голема чест ми е што ќе го водам Пелистер

Пелистер денеска ја стартуваше ерата под водство на Лина Червар, ракометарите под палката на хрватскиот стратег ги почнаа подготовките за новата сезона.

Објавено на

часот

Сподели

Червар денеска одржа и прес-конференција на која ја истакна почитта кон Пелистер и кон Македонија.

„За мене е голема чест што ќе го водам Пелистер. Секогаш сум имал голема почит кон овој клуб и неговата традиција. Уште кога работев во Умаг игравме против Пелистер и добро се сеќавам колку незгоден противник беше. Сега моја задача е да изградиме тим кој ќе биде конкурентен и ќе има свој препознатлив идентитет. Тоа нема да се случи преку ноќ, но со напорна работа верувам дека можеме да стигнеме до посакуваното ниво“, изјави Червар.

Според искусниот тренер, подготовките ќе бидат исклучително важни за воигрување на екипата и прифаќање на неговите идеи. Во тој период Пелистер ќе одигра неколку контролни натпревари, меѓу кои и против репрезентацијата на Катар и словенечка Крка.

„Контролните натпревари ќе ни покажат каде се наоѓаме. Уште од самиот почеток мора да работиме максимално, бидејќи првенството стартува брзо, а веќе во првото коло нè очекува незгодно гостување во Охрид. Имаме многу задачи пред нас и секој тренинг ќе биде важен за да ја изградиме играта што ја посакуваме“, истакна стратегот.

Червар нагласи дека успехот не зависи само од индивидуалниот квалитет, туку и од тимскиот дух, кој според него треба да биде главната сила на битолскиот состав.

„Секој тренер сака да располага со најдобрите играчи, но најважно е да создадеш тим кој ќе функционира како едно семејство. Верувам во оваа група ракометари и сигурен сум дека ако сите бидеме посветени на заедничката цел, ќе можеме да оствариме резултати со кои ќе се гордее клубот и навивачите“, порача Червар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ