недела, 26 јули 2026

Дали туристите почнуваат да го избираат северот на Европа наместо Медитеранот?

Сѐ почестите топлински бранови ги поттикнуваат европските туристи да бараат посвежи дестинации, па северот на Европа станува сѐ попривлечна замена на традиционалните медитерански одморалишта. Сепак, експертите велат дека останува да се види дали станува збор за краткотраен тренд или за трајна промена на туристичкиот пазар.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека летните температури во Европа редовно се приближуваат до 40 Целзиусови степени, одморот во посвежите краишта станува сѐ попопуларен, пишува Франс прес.

„Оваа година многу посетители ми велат дека избегале од жештините во јужна Европа“, вели туристичкиот водич Терје Виблом Педерсен, кој организира тури во југоисточна Шведска.

Тој додава дека туристите се воодушевени од дневните температури под 30 степени, морскиот ветер и помалите гужви во споредба со најпосетуваните дестинации во јужна Европа.

Меѓу нив се и француските туристи Даниел и Флоранс Гасталди од Марсеј, кои неодамна биле на разгледување на стариот дел на Стокхолм.

„Убаво е да се избега од топлинскиот бран. Среќни сме што најдовме посвежи температури“, велат тие.

Одмор во посвежа клима

Концептот познат како „кулкејшн“ (coolcation), односно летување во посвежи предели, забрзано се шири во последните години, а според туристичките компании, во 2026 година доживува вистински подем.

На француската верзија на Hotels.com, пребарувањата за сместување во Копенхаген се зголемиле за 246 проценти по првиот топлински бран што ја зафати Франција во мај. Пребарувањата за Даблин пораснале за 151 процент.

Трендот не е ограничен само на Франција.

Џона Робертсон, советничка за патувања во американската агенција Фора травел, вели дека истиот тренд го забележува и кај американските туристи.

„Резервациите за Осло се зголемени за 154 проценти во споредба со минатата година, а за Хелсинки за 124 проценти. Тоа покажува дека патниците активно бараат алтернативи на традиционалните летни дестинации“, вели таа.

Во Франција, туристичките експерти забележуваат дека расте интересот и за планинските одморалишта.

„На поголема надморска височина температурите навечер и ноќе значително паѓаат, што го прави престојот многу попријатен“, вели Жан-Паскал Шопар, директор на туристичката организација на планинскиот регион Јура.

Југот останува најпосетуван

Сепак, експертите предупредуваат дека температурата е само еден од факторите при изборот на туристичка дестинација.

„Сите европски земји бележат раст на бројот на туристите и нема јасен тренд што директно може да се поврзе со жештините“, вели шведскиот професор Стефан Гослинг, експерт за туризам.

Тој додава дека културата, природата, цените и целокупното туристичко искуство имаат големо влијание врз изборот на дестинацијата.

„Италија не е Данска, во смисла на културата, природните убавини, цените. Луѓето не ги менуваат лесно своите омилени места за одмор“, вели Гослинг.

Сличен став има и норвешката туристичка организација, која наведува дека само околу секој петти турист ги наведува посвежите летни температури како една од причините за избор на Норвешка.

„Климата е само еден од многуте фактори. Безбедноста, природата, достапноста, авионските врски и девизните курсеви исто така имаат важна улога“, соопшти организацијата.

Медитеранот и натаму е најсилен

И покрај новиот тренд, медитеранските земји и понатаму остануваат најпосетувани туристички дестинации благодарение на развиената инфраструктура и долгогодишната туристичка традиција.

Грција минатата година ја забележа најуспешната туристичка сезона во својата историја, а рекорден број посетители имаше и Шпанија.

Во Шпанија, според податоците на туристичката организација Екселтур, потрошувачката на домашните и странските туристи во второто тримесечје од 2026 година пораснала за повеќе од осум проценти.

Џона Робертсон смета дека во иднина е поверојатно да дојде до прераспределба на сезоните отколку до масовно напуштање на Медитеранот, при што повеќе туристи би ги избирале пролетта и есента за патување во потоплите земји, за да ги избегнат екстремните горештини и преголемите гужви.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ