недела, 26 јули 2026

Јемен на работ на нова војна во сенка на конфликтот со Иран

Јемен се приближува до ново разгорување на конфликтот што трае повеќе од една деценија, бидејќи хутите и силите на меѓународно признатата јеменска влада ги зголемуваат воените сили долж фронтот, а нападите врз саудиската инфраструктура и поморскиот сообраќај го доведуваат во прашање примирјето од 2022 година, оценува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според јеменски воени претставници и аналитичари, двете страни последните денови распоредуваат дополнителни сили долж линијата на фронтот, која се протега низ северозападниот дел на Јемен под контрола на хутите, од брегот на Црвено Море до границата со Саудиска Арабија.

Посредничките напори што ги предводат Обединетите нации и Оман, а во кои неодамна се вклучи и Пакистан, продолжуваат, но еден западен дипломат рекол дека расте песимизмот дека кризата може да се реши преку преговори.

Саудиска Арабија настојува да избегне нова војна во Јемен откако во 2022 година постигна примирје со хутите, со што беше запрен конфликтот во кој загинаа стотици илјади луѓе, како во борбите, така и од глад.

Сепак, нападот на хутите врз саудиски аеродром минатата недела, како и прогласувањето поморска блокада на кралството, спроведена преку два напади врз саудиски танкери за кои хутите ја презедоа одговорноста, би можеле да ја променат таа пресметка, велат дипломати, аналитичари и јеменски претставници.

Хутите тврдат дека нападот врз аеродромот бил одговор на саудиски напад врз аеродром под нивна контрола, додека поморската блокада, според нив, е одговор на саудиската блокада на Јемен, што Ријад го негира.

„Од 2022 година, ова се најсериозните подготовки за конфликт што сум ги видел“, изјави Бара Шибан, јеменски аналитичар и соработник на британскиот Кралски институт за обединети служби.

Канцеларијата на саудиската влада за медиуми, јеменскиот министер за информации и портпаролот на хутите не одговориле на барањата на Ројтерс за коментар.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека Иран ќе го смета за одговорен за секој напад што ќе го извршат хутите.

Специјалниот пратеник на ОН за Јемен, Ханс Грундберг, за Ројтерс рекол дека неодамна двапати престојувал во Оман, а меѓу тие посети ја посетил и Саудиска Арабија за да разговара за чекори за намалување на тензиите и поголема стабилност.

„Неодамнешните случувања го одведоа Јемен во спротивна насока, што пред сè претставува чекор назад за Јеменците. Моите напори продолжуваат, а Обединетите нации се секогаш подготвени да им помогнат на страните да го сменат курсот и интересите на Јеменците да ги стават на прво место“, рече тој.

Тензиите растат две недели откако пропадна привременото примирје чија цел беше да се прекине војната со Иран.

Според Ројтерс, тој конфликт речиси целосно го урнал приближувањето меѓу Саудиска Арабија и Иран од 2023 година, кое ги намали регионалните тензии и му овозможи на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман да се посвети на програмата „Визија 2030“, која вклучува големи инфраструктурни проекти и организација на светски настани.

Иако хутите главно останаа настрана од војната со Иран, некои аналитичари, дипломати и јеменски претставници сметаат дека тие и нивните ирански сојузници сега гледаат можност дополнително да извршат притисок и врз Саудиска Арабија и врз САД.

Поморската блокада на саудискиот бродски сообраќај би можела да влијае врз транспортот на милиони барели нафта дневно преку нафтоводот до саудискиот брег на Црвено Море, рута што се користи за заобиколување на речиси целосната иранска блокада на Ормускиот Теснец.

Според Шибан, една од целите на ескалацијата за хутите би можела да биде изнудување финансиски и политички отстапки од Ријад, како и стекнување влијание слично на иранското врз една од најважните светски поморски точки преку проширување на контролата над теснецот Баб ел Мандеб.

Висок претставник на хутите изјавил дека Баб ел Мандеб, кој го контролира пристапот од Црвено Море кон Индиски Океан, останува отворен за бродовите што не се саудиски.

Најновите тензии се во спротивност со повеќегодишните обиди на Саудиска Арабија да постигне договор со хутите, при што им беа направени повеќе отстапки, меѓу кои користење на пристаништето Ходеида и откажувањето во 2024 година од плановите за целосно исклучување на подрачјата под нивна контрола од меѓународниот банкарски систем.

„Сè повеќе преовладува чувството дека мир со хутите не е можен и дека одложувањето на војната на крајот може да биде уште поскапо, особено ако се има предвид дека Саудиска Арабија ќе биде домаќин на Експо 2030 и на Светското првенство во фудбал во 2034 година“, рекол Фареа ал Муслими, истражувач во Програмата за Блискиот Исток и Северна Африка при лондонскиот институт Чатам хаус.

„Ризично е, но би можело да го расчисти патот“, рекол тој, додавајќи дека поддршката од САД ќе биде пресудна.

Според анализата на Ројтерс, политичките околности денес се поповолни за Саудиска Арабија отколку во 2015 година, кога првпат интервенираше на чело на арапската коалиција, бидејќи тогаш загинувањето на илјадници цивили во воздушните напади предизвика силен меѓународен притисок врз Ријад да ја запре војната.

Нападите на хутите врз Израел и врз меѓународниот поморски сообраќај по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, како и притворањето десетици вработени во Обединетите нации, дополнително го заострија ставот на меѓународната заедница кон движењето Хути, велат аналитичари и претставници на јеменската влада.

Доколку Ријад повторно интервенира, „ќе има многу, многу помалку преиспитување“, оценува Шибан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ