недела, 26 јули 2026

Брисел одби да регистрира иницијатива за запирање на имиграцијата, организаторите најавија тужба

Европската комисија одби да ја регистрира европската граѓанска иницијатива „Акт Да ја спасиме Европа“, со која се бараше привремено запирање на легалната имиграција од незападни земји, ограничување на спојувањето на семејствата и депортација на мигранти што, според организаторите, не се интегрирани во европските општества. Организаторите најавија дека ќе ја тужат Комисијата пред Судот на Европската Унија, објави Еуроњуз.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Иницијативата ја предводи австрискиот десничарски активист Мартин Зелнер, еден од најпознатите промотори на концептот „ремиграција“. Тој за Еуроњуз изјави дека Европската комисија незаконски им го одзела правото на европските граѓани да бараат законски промени и најави дека тужбата ќе биде поднесена веќе следната недела.

Организаторите тврдат дека неформално собрале речиси 600.000 потписи и минатата недела организираа протест пред Европскиот парламент во Брисел, барајќи иницијативата да биде регистрирана. За една Европска граѓанска иницијатива официјално да биде разгледана од институциите на ЕУ, најпрво мора да биде регистрирана од Европската комисија, а потоа да собере најмалку еден милион потписи од најмалку седум земји членки.

Комисијата ја одби регистрацијата со образложение дека предложените мерки се засноваат на етничкото, културното или цивилизациското потекло на луѓето, наместо на индивидуална проценка, и затоа се „очигледно спротивни“ на темелните вредности на Европската Унија и принципот на недискриминација.

Иницијативата предвидува привремено запирање на „незападните имиграциски канали“, вклучително и студентските визи и спојувањето на семејствата, како и враќање во земјите на потекло не само на илегалните мигранти, туку и на легално населени државјани од земји надвор од ЕУ кои, според организаторите, се „неинтегрирани“ или претставуваат „сериозен културен или финансиски товар“.

Според ЕУобсервер, Европската комисија оценила дека иницијативата е дискриминаторска и нема да биде регистрирана. Европската комесарка за социјални права Роксана Минзату изјави дека таа не ги исполнува условите за регистрација според европското право.

Пратеничката од групата Зелени/ЕФА, Кристина Гуарда, ја поздрави одлуката на Комисијата, оценувајќи дека станува збор за „пропаганда на омраза промовирана од крајната десница“. Таа и други европратеници организираа контрапротест пред Европскиот парламент за време на протестот на поддржувачите на иницијативата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ