Како што информираат од општина Чаир, во своето обраќање, градоначалникот Меџити ја истакна важноста од негувањето на историската меморија и оддавањето признание на личностите кои оставиле трајна вредност во развојот на Скопје.
„Адолф Циборовски беше еден од оние луѓе кои разбраа дека градот не се гради само со создавање на новото, туку и со зачувување на она што го прави единствен. Неговиот придонес во зачувувањето на Старата скопска чаршија останува дел од историјата на Скопје, а спомен-плочата што денес ја откривме е израз на нашата благодарност за неговата визија и посветеност“, изјави Меџити.

За време на настанот беше истакнато значењето на меѓународната солидарност во обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година, како и потребата од зачувување на историското и културното наследство како нераскинлив дел од идентитетот на градот и неговата колективна меморија.





