Говорејќи за состојбата во Гостивар, Мицкоски вчера истакна дека санацијата на системот напредува и оти резултатите од контролите упатуваат на нормализирање на состојбата.
„Екипи од Скопје од Водовод се во Гостивар, работат на хиперхлорирање на инсталациите, резултатите се веќе добри и очекувам да излезе соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела тоа се санираше“, изјави вчера Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ги презела сите мерки што биле во нејзина надлежност, додека за утврдување на евентуална одговорност за случајот постапува Јавното обвинителство.
„Она кое што е политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме, целосна одговорност и целосна ингеренција за тоа што се случи во Гостивар е лоцирана од страна на ЈО, понатаму тие ќе продолжат да лоцираат доколку е потребна и нова одговорност да биде лоцирана од страна на државата иако тоа не се наши ингеренции“, изјави премиерот.
Во однос на критиките од опозицијата, премиерот рече дека Владата останува фокусирана на решавање на проблемите и обезбедување услуги за граѓаните.
Претходно, премиерот најави дека безбедна вода за пиење Гостиварци треба да добијат кон крајот на оваа недела.
Кризата со водоснабдувањето во Гостивар ескалираше минатата недела, откако по појавата на голем број случаи со гастроентеритис беше прогласена епидемија, а институциите почнаа истрага за можно загадување на водоводниот систем. Во рамките на истрагата беа приведени директорката Артана Асани, техничкиот директор Леон Мезини и раководителот на секторот за водоснабдување Вадедин Даути во гостиварското јавно комунално претпријатие.
Поради состојбата беа организирани пунктови и цистерни за дистрибуција на техничка вода, а повеќе општини од државата испратија дополнителна помош. Армијата стави на располагање цистерни за водоснабдување, додека државните институции и СОЗР обезбедуваа вода за пиење за населението.
Во меѓувреме, експертски тимови од скопски „Водовод“ спроведоа засилени анализи и хиперхлорирање на системот, со цел отстранување на микробиолошката контаминација и нормализирање на водоснабдувањето. Последните анализи, според надлежните, покажуваат значително подобрување, а денеска се очекува официјална потврда дека водата е технички исправна за употреба.
МИА





