понеделник, 27 јули 2026

Климатските промени ја туркаат Преспа кон нова криза, Македонија, Албанија и Грција доцнат

Преспанскиот слив, еден од најзначајните слатководни екосистеми во Европа, се соочува со сè посериозни последици од климатските промени, предупредуваат научниците во новата анализа изработена во рамки на проектот „Преспанет III“. Анализата на повеќе од 120 научни документи предупредува дека намалените врнежи, сушите и растечката побарувачка за вода сериозно го загрозуваат целиот преспански екосистем, а недостигот од координација меѓу Македонија, Албанија и Грција го отежнува неговото спасување.

Објавено на

часот

Сподели

Големото Преспанско Езеро и натаму губи вода, а и покрај децениите научни истражувања, Македонија, Албанија и Грција сè уште немаат единствен систем за следење и управување со еден од најзначајните слатководни екосистеми во Европа, покажува анализата во која биле разгледани повеќе од 120 научни трудови, државни извештаи и податоци од мониторинг собрани во текот на 21 век.

Нискиот водостој и еутрофикацијата ја менуваат сликата на езерото

Според документот, научните докази потврдуваат дека нивото на Големото Преспанско Езеро драматично се намалило уште кон крајот на минатиот век, а и денес останува значително пониско од историскиот просек. Како главни причини се наведуваат намалените врнежи и климатските промени, додека користењето вода за наводнување дополнително придонесува за одржување на нискиот водостој. Истовремено, повисоките температури, почестите суши и зголеменото испарување создаваат нов притисок врз целиот слив.

„Како главен причинител се смета долгорочното намалување на врнежите од дожд и снег, особено во влажните сезони. Водата за земјоделството придонесува за намалениот водостој, но недостасува сигурна квантификација. Официјалните податоци за количината зафатена вода може да даваат пониска вредност од реалната. Нема цврсти, убедливи и научни докази за зголемени загуби поради тектонска активност, загуби поради работењето на браната Кула“, велат научниците, автори на анализата.

Истовремено, научниците предупредуваат дека квалитетот на водата постепено се влошува. Земјоделските активности носат сè повеќе хранливи материи во езерото, што доведува до еутрофикација, периодично цветање на алги и намалување на кислородот во водата. Дополнителен проблем е што речиси воопшто не се следат новите загадувачи како микропластиката и современите пестициди.

„Анализата укажува на постепено збогатување со хранливи материи и еутрофикација на преспанските езера, а главен извор е површинското истекување од земјоделство (ѓубрива и дифузно загадување). Констатирани влијанија се сезонско намалување на кислородот, периодично цутењe на алги и цијанобактерии, промени во планктонските заедници, знаци на локално нарушување на екосистемот. Тешките метали и повеќето органски загадувачи генерално се во рамките на пропишаните гранични вредности, но нивното присуство укажува на континуиран внес на отпадни води и истекувања од земјоделството“, укажуваат научниците.

Последиците ќе ги почувствуваат природата, земјоделството и туризмот

Тиe уште утврдиле и пропусти поврзани со ограничениот мониторинг на загадувачите.

„Констатирани пропусти се ограничен мониторинг на цијанотоксини и контаминација на седиментите, недостиг на податоци за современи загадувачи (микропластика, нови пестициди), фрагментирани еколошки проценки, слаба интеграција на биолошките и хидролошките pодатоци. Важно е да се нагласи дека дури и ако изворите на загадување останат стабилни, со понатамошното опаѓање на водостојот еколошките услови може да се влошат преку концентрирање на хранливите материи и загадувачите. Ова е важно на локално ниво поради тоа што квалитетот на водата влијае врз рибите, птиците и целокупната биолошка разновидност, влијае врз туризмот и јавната перцепција, може да ги зголеми трошоците за третман на водите, а може да влијае и врз долгорочната одржливост на почвата и земјоделството“, категорични се научниците.

Не помалку важно, се наведува во анализата е и тоа што климатските промени ги засилуваат постоечките притисоци.

„Го намалуваат волуменот на водата и со тоа ја зголемува концентрацијата на загадувачите, ја зголемуваат евапотранспирацијата и побарувачката на вода за земјоделството, а културите се под стрес поради повисоките сезонски температури, ја загрозуваат автохтоната биолошка разновидност и отпорноста на екосистемите. Затоа, при идните политики за управување и носењето одлуки нагласокот треба да се стави на климатските промени“, препорачуваат научниците.

Анализата предупредува дека продолжувањето на ваквите трендови ќе влијае врз рибниот фонд, биолошката разновидност, земјоделството, туризмот и снабдувањето со вода.

„Ова е важно на локално ниво затоа што понискиот водостој влијае врз мрестилиштата. Крајбрежјето се менува, а влажните ливади се намалуваат. Водата за земјоделството станува сè понедостапна, погоден е туризмот“, велат научниците, автори на анализата.

Науката има решение, сега е ред на политиката

Во извештајот се оценува дека најголемата слабост не е недостатокот на научни сознанија, туку недостатокот на заедничко управување. Трите држави располагаат со различни системи за мониторинг, податоците ретко се споделуваат, а не постои ниту единствена база на информации за целиот слив.

Затоа, се предлагаат четири клучни приоритети за одржливо управување и спас на Преспа.

Прв приоритет е воспоставување трилатерална рамка за мониторинг и податоци.

„Итно е потребен усогласен систем кој ќе вклучува, континуиран хидрометеоролошки мониторинг, мерења на врнежи од дожд и снег на големи надморски височини, веродостојна квантификација на водозафатите за наводнување, стандардизирано земање мостри за квалитет на водата, мониторинг на нови загадувачи и јавно достапна трилатерална база на податоци како официјален референтен извор за сливот. Довербата се темели врз транспарентност“.

Според научниците, втор приоритет е развивање интегриран модел за Преспа и Охрид.

„Еден интегриран, долгорочен симулациски модел за води треба да ги интегрира површинските и подземните води, и квалитетот на водата, да моделира сценарија за клима и зафаќање на води, да ги измери главните фактори за намалувањето на езерото, да тестира мерки за управување пред нивна примена, да ги утврди праговите при кои намалениот водостој предизвикува неповратни еколошки промени. Со оваа алатка, дебатата на национално и прекугранично ниво би се преточила во планирање засновано на докази“.

Трет приоритет што го прелагаат авторите на оваа научна анализа е поттикнување интердисциплинарни и насочени истражувања.

„Идните истражувања треба да бидат интердисциплинарни и да ја поврзуваат хидрологијата со геологијата, екологијата, агрономијата и социоекономијата. Тие треба да ги опфатат мерењата на протокот на подземните води, хидрауличната врска на истмусот Мала Преспа– Кула со Голема Преспа, патиштата на нутриентите и загадувачите, вклучително микропластика и пестициди, отпорноста на екосистемите, зафаќањето на вода за наводнување, ефикасно користење на водата во земјоделството и социо- економски стимулaции за одржливо земјоделство. Науката мора да се води според хипотези и да се ориентира кон управување.

И како четврти приоритет се наведува зајакнувањеto на врските меѓу науката, политиките и праксата.

„Заедничкото толкување што произлегува од оваа анализа треба да биде основа за развивање заедничка визија за иднината на сливот, заснована на докази. Ова подразбира преточување на сложените научни резултати во применливи планови за управување, и тоа, трилатерални планови за справување со суши, заеднички програми за намалување на нутриентите, одржливи стратегии за земјоделство, координирано адаптациско планирање“.

Авторите на анализата се едногласни дека дури и ако мониторингот се засили и се координира прекугранично, дури и ако сите податоци бидат достапни и споделени, дури и ако се спроведат истражувања за одговор на сите преостанати научни прашања, тоа сепак не би било доволно за поинаков исход за луѓето и за природата во Преспанскиот слив.

„Мора да се носат одлуки засновани на наука, а интервенциите мора да се планираат и спроведуваат заеднички. Овие одлуки и планови нужно мора да бидат трилатерални, а не еднострани. Трите држави мора да соработуваат и да дејствуваат сега!“, децидни се научниците од проектот во рамки на проектот „Преспанет III“.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ